КСЗД најави прекршочна пријава против МОН за неизедначените стипендии

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк, архивска фотографија од 06.09.2021 г.

Студентите и учениците на кои не им беа покачени стипендиите, и понатаму ќе земаат пониски суми од новите апликанти. Засега нема информации дека власта ќе ги изедначи стипендиите за сите, за што, поради утврдена индиректна дискриминација, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ќе поведе прекршочна постапка против Министерството за образование и наука (МОН).

Заплетот околу покачените стипендии започна минатото лето, кога МОН најави зголемување на студентските и ученичките стипендии и до 80 отсто. По оваа најава, студентските стипендии од прва, втора, трета и четврта категорија од минатата учебна година изнесуваат 6.050 денари месечно, наместо 3.300 денари колку што „вредеа“ претходно, додека ученичките стипендии се зголемија на износ од 3.500 денари, наместо претходните кои се движеа од 2.000 до 2.970 денари.

Со објавувањето на конкурсите во септември минатата година, стана јасно дека зголемените стипендии нема да важат за сите студенти и ученици, односно повисоките суми ќе ги добиваат само оние кои аплицирале на новите конкурси, додека останатите што го оствариле правото на стипендија во некоја од претходните години, продолжија да ги земаат старите и пониски суми.

На овие услови, студентите одговорија со онлајн петиција во која побараа изедначување на стипендиите за сите наместо фаворизирање на еден дел од студентите. Во петицијата студентите обвинија дека се врши дискриминација и дека со условите во конкурсот се прави поделба меѓу студентите.

Индиректна дискриминација во државната политика

За условите според кои државата доделува стипендии, студент и ученик во средно образование упатиле претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, чии членови едногласно утврдија индиректна дискриминација врз основа на образовен статус и повреда на правото на еднаков третман при користењето на стипендиите во повисок износ извршена од страна на МОН.

Со ова, државната политика на стипендирање, дел од студентите и учениците ги ставила во понеповолна положба во однос на останатите нивни колеги и соученици.

Согласно своите законски надлежности, Комисијата му препорачала на МОН да изготви нова Предлог- програма за измени на Програмата за студентскиот и ученичкиот стандард за изедначување на износот на стипендиите за сите ученици и студенти. КСЗД упатила препорака и до Владата на Република Северна Македонија да го прифати предлогот на МОН за изедначување на стипендиите.

МОН: За секој според потпишаниот договор

Сепак, се чини дека, засега Министерството за образование не планира да ги изедначи стипендиите за сите студенти и ученици. Во одоговор за Мета.мк, од МОН не отстапуваат од ставот дека зголемување на стипендиите за сите е невозможно.

„Секој корисник на ученичка или студентска стипендија има потпишано договор со МОН во кој е дефиниран износот кој треба да му се исплати и начинот на исплатата на стипендијата. МОН ги почитува договорните одредби и псотапува по истите. Изменетите услови, критериуми и одредби на еден конкурс за доделување на стипендии, не можат да важат истовремено и за оние кои ќе го остварат правото на стипендија преку тој конкурс и ретроактивно – за оние кандидати кои го оствариле правото на стипендија преку некој претходен конкурс“, велат од МОН.

Од МОН додаваат дека ваквото образложение го проследиле и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и дека евентуалното зголемување на стипендиите ќе предизвика финансиски импликации од 100 милиони денари.

„…А воедно и Владата на Република Северна Македонија беше известена дека МОН нема да постапи по задолжението, имајќи предвид дека истото покрај бројни административни постапки, првенствено предизвикува и фискални импликации од 100 милиони денари во услови кога на сила во државата се антикризни мерки“, велат од МОН за Мета.мк.

Од КСЗД, пак, одговорија дека поради непостапувањето на МОН по утврдената индиректна дискриминација, согласно нивните надлежности, ќе поведат прекршочна постапка против Министерството.

„Во овој момент, согласно законот, работиме на поднесување прекршочна пријава против МОН до надлежен суд за прекршоци“, велат од КСЗД.

Мета.мк изминатава година во неколку наврати пишуваше за актуелната ситуација со покачените стипендии и за државната политика на стипендирање.

Ќе важат ли покачените стипендии за сите ученици и студенти од септември?

За нелогичните услови во интервју зборуваше и Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

“Формулацијата на најавата беше напишана на начин на кој не можеше да се разбере дека станува збор за стипендии кои ќе важат само за новата квота студенти кои ќе аплицираат. Ние во моментот кога дознавме веднаш поднесовме барање за опфаќање на сите студенти во оваа мерка, но, за жал, во дадениот момент буџетот беше тој и немаше време за итен ребаланс, како би можеле да бидат опфатени. Ние поднесовме барање за предвидување на доволно средства во буџетот за идната година да бидат опфатени сите студенти. Со оглед на тоа што мандатот на овој состав на УСС завршува се надевам дека идната генерација студентски претставници ќе ургираат за веднаш да бидат опфатени сите студенти, бидејќи ова нема смисла“, рече Цветковска во интервјуто.

[Интервју] Ева Цветковска: Студентскиот културен центар ќе нè обедини и ќе ни го врати чувството да се биде студент