Две лица во сериозна состојба кои беа евакуирани од крузер поради потврдена појава на смртоносен хантавирус, пристигнаа во Холандија на лекување, соопшти операторот „Оушнвајд експедишн“, a трет патник во стабилна состојба бил на летот за евакуација.

Бродот „Хондиус“ сега плови кон Канарските Острови, објави Би-Би-Си.

Трите евакуирани лица беа Британец, Холанѓанец и Германец. „Оушнвајд експедишн“ соопшти дека 65-годишниот евакуиран Германец бил близок со Германка која почина на бродот на 2 мај.

Британскиот евакуиран човек е идентификуван од неколку медиуми како 56-годишен поранешен полицаец Мартин Ансти, за кој се смета дека е во „стабилна состојба“ во Холандија.

Меѓу евакуираните е и 41-годишен член на екипажот од Холандија.

Три лица кои биле на бродот загинале откако тој испловил од Аргентина пред еден месец.

Во меѓувреме, две американски држави потврдија за Би-Би-Си дека следат тројцата патници кои се вратиле во САД откако претходно се симанале од бродот. Сите во моментов не покажуваат симптоми.

Одделот за јавно здравје на Џорџија соопшти дека двајца жители се под надзор и се во добра здравствена состојба, не покажуваат знаци на инфекција.

Здравствениот оддел на Аризона соопшти дека еден жител е под мониторинг, но немал симптоми.

Светската здравствена организација (СЗО), исто така, потврди дека маж кој се вратил во Швајцарија по слегувањето од бродот бил позитивен на хантавирус и е згрижен во болница во Цирих.

„Пациентот одговорил на е-пошта од операторот на бродот со која ги информирал патниците за здравствениот настан“, изјавил шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Вкупно 146 лица од 23 различни земји остануваат на бродот „Хондиус“ под „строги мерки за претпазливост“, соопшти „Оушенвајд експедишн“.

Во своето најново ажурирање, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека досега се идентификувани осум случаи на хантавирус – три потврдени и пет сомнителни – кај луѓе кои биле на бродот.

Јужноафриканските здравствени власти соопштија дека сојот на „хантавирус од Андите“ кој е присутен во Јужна Америка, од каде што потекнува крстарењето – е пронајден кај двајца од потврдените пациенти по тестовите спроведени од Националниот институт за заразни болести на земјата.

Официјалните лица изјавија дека еден од починатите бил заразен со вирусот, додека другите два смртни случаи се под истрага.

Меѓу трите смртни случаи на бродот е и Холанѓанка која го напуштила бродот „Хондиус“ кога тој застанал на островот Света Елена на 24 април. Нејзиниот сопруг починал на бродот на 11 април, но не е потврден случај.

Холанѓанката отпатувала во Јужна Африка, каде што починала на 26 април. Претставничката на СЗО, д-р Марија Ван Керхове, за Би-Би-Си изјави дека здравствените експерти ги контактираат луѓето на летот со кои таа патувала.

„КЛМ ерлајнс“ во средата издаде соопштение во кое се вели дека жената накратко била на еден од нивните летови од Јоханесбург до Амстердам на 25 април, пред екипажот да одлучи да не и дозволи да лета поради нејзината здравствена состојба.

Ниту едно од трите лица кои беа медицински евакуирани во среда досега не е позитивно на хантавирус, но две покажуваат симптоми.

Хантавирусот обично се шири од глодари, но здравствените експерти веруваат дека во овој случај, можеби се пренесувал меѓу луѓе кои биле во близок контакт.

Тестирањето за да се потврди дали други луѓе на бродот го заразиле вирусот е во тек. Здравствените власти нагласија дека ризикот од пренесување на пошироката јавност е низок.