Крушевските средношколци со иницијатива утре да не се користат автомобили

Крушевските средношколци од училиштето „Наум Наумовски Борче“ испраќаат апел до сите граѓани и туристи во Крушево, утре да се приклучат кон одбележување на Светскиот ден без автомобили, така што нема да ги користат своите возила.

„Како ученичка заедница на средношколци повикуваме да се приклучите и да дадете свој придонес, со тоа што не би ги користеле вашите автомобили, доколку не ви е неопходно или не ви претставува потреба. Ќе ве пречекаме, изутрина, на главната улица со цел да ја поттикнеме нашата заедничка еколошка свест, за почисто Крушево“, стои во апелот на крушевските средношколци, објавен на „Фејсбук“ страницата на крушевското средно училиште.

Оваа активност на средношколците веќе доби поддршка од градоначалникот Томе Христоски, Општина Крушево и други институции.

Инаку, 22 Септември се одбележува како Меѓународен ден без автомобили веќе неколку години наназад во нашата земја од страна на повеќето општини.