Крушевчани конечно имаат свое кино и сала за театарски претстави. Со ставање на новите модерни седишта во мултифункционалната сала од реконструираниот објект на горната училишна зграда во Крушево создадени се сите услови, овде да се вршат кино-проекции и да се изведуваат театарски претстави.

За таа намена веќе е инсталирана стандардизирана аудио и видео опрема во салата, така што слободно може да се рече дека успешно се заокружени активностите на Општина Крушево, за оспособување и опремување на театарска и кино сала.

Конечно го заокружуваме овој проект којшто треба да го подобри културно забавниот живот на младите, да ги зголеми можностите за неформално образование, но и да понуди повеќе содржини за туристите. Во овој проект сме заедно со УНДП, а јас сум навистина благодарен за тоа,  вели градоначалникот Томе Христоски.

Како што информираат од Општина Крушево, опремувањето на салата е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, којшто со 3,4 милиони швајцарски франци е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од УНДПво партнерство со министерствата за локална самоуправа и финансии, ЗЕЛС, Здружение на финансиски работници и UN Women.