Во третата епизода од „Разговори за иднината“ која ја организира Движењето против климатски промени „Петоци за иднината“, Евгенија Крстевска, правник во областа на животна средина вели дека пандемијата ни покажа колку е важна хигиената и потребата од вода.

„Поради климатските промени, првиот проблем со кои би се соочиле граѓаните во блиска иднина е недостигот  на вода за пиење. Вториот проблем ќе биде недостигот на вода за наводнување во земјоделието, која директно влијае врз производството за храна“ – вели Крстевска, во видео интервјуто.

Таа појаснува дека климатските промени директно влијаат врз секоја фаза од хидролошкиот циклус.

„Влијанието на климатските промени не е само врз еден циклус, туку станува збор за единствен и целосен механизам во кој, доколку дојде до директно пореметување на природните закони се влијае врз сите фази затоа доаѓа и до врнежи на снег во периоди кога тоа не е карактеристично. Затоа секогаш напоменувам дека е важно за самите водни ресурси и целиот хидролошки систем да се размислува како за еден комплексен систем кој е во единство со природата. Не смее да се размислува за влијанието на климатските промени само врз хидролошкиот циклус“, додава Крстевска.

Посочува дека многу држави се соочуваат со нагли во временската прогноза.

„Сведоци сме дека климата во последната декада станува се понепредвидлива. Тоа значи дека новите дождливи периоди кои претходно постоеле во тој календарски период сега веќе не се појавуваат. Имаме појави на долги суши во период кога треба да имаме влага, а истовремено се соочуваме со многу ниски температури кои дополнително предизивкуваат штети за самото производство во земјдолеството“, вели Крстевска.

Во разговорот, таа ги споменува и примерите со повлекувањето на Дојранското и Преспанското езеро. Вели дека кај нас недостасува соодветна мрежа за мониторинг на водите.

„Со соодветна мрежа, институциите би можеле директно да влијаат врз намалување на ефектите од климатските промени, доколку се направат инвестиции во мрежата. Моменталната функционална поставеност и недостигот од финансиските средства и кадар и резултира со недоволен мониторинг на реките и езерата“.

Ја потенцира и важноста на координацијата со државите кои ги делат езерата. Според нејзини информации, иако постојат билатерални и трилатерални договори, често поради недостог на информации, доаѓа до катастрофални еколошки последици како со примерот на Дојранското езеро. Но, Крстевска е сигурна дека секоја мерка што се спроведува на локално ниво,ќе придонесе и на глобално ниво.

„Тоа значи дека кога се зборува за водните ресурси, властите во самиот процес на донесување на одлуките за тоа како да се раководи со водните ресурси, треба да имаат предвид дека водата е еден заеднички систем и истиот е неделив. Не може делувањето да биде интегрирано во еден поглед“, децидна е Крстевска.

Таа вели дека без безбедно третирање на отпадните води, може да дојде и до загадување на пивката вода со опасни микропатогени организми што е чест случај во источна Македонија, каде што има ситуации на вода со намален квалитет и присуство на микроорганизми. Крстевска додава дека проблемот не е во законите и мерките, колку што е нивната реална имплементација. Како пример ја посочува Словенија, чие законодавство е близу нашето.

„Словенија размислува свесно и еколошки за важноста на своите води. Тие уште во 2016-та година ја заштитија приоритетната вода и водните ресурси. Односно, воведоа основно човеково право на вода и кај нив, раководното управување со водните ресурси е централизирано, додека кај нас е децентрализирано. Така што, Словенија би била добра појдовна точка од која може да земеме примери“, смета Крстевска.