На скалата од 1 (многу лош) до 5 (одличен),  квалитетот на живот во студентските домови, студентите го оцениле со просечна оценка од 2,93. Просечната оцена за животот во „Стив Наумов“ е 2,51, Во „Гоце Делчев“ – 3,79, а во „Кузман Јосифовски Питу“ е 2,5. Ова го покажало истражувањето за животниот стандард на станарите што живеат во три студентски домови кои се дел од Државниот студентски дом, кое денеска го презентираа претставници на Младинскиот образовен форум. Во истражувањето кое е поддржано од Фондацијата отворено општество-Македонија, учествувале по 100 студенти од сите три студентски домови.

Студентите не се чувствуваат безбедно во студентските домови. Дека е тоа така покажуваат нивните одговори според кои најниски оценки дале за тоа дека не се одржуваат редовни вежби за однесување во случај на пожар, земјотрес, поплава и други несреќи (оценка 1,59). Со слаба оценка (1,83) ја оцениле и достапноста на медицинска заштита  иуслуги, потоа, достапноста на стабилен интернет (1,69), како и достапност до компјутери, читалници, библиотеки (1,87).

Вкупно 40,33 отсто од студентите со единица ја оцениле храната што им се нуди (количината на оброци, разновидноста), а високи 42 отсто од нив со оценка 1 ја оцениле и достапноста на стабилен и редовен Интернет. Речиси половина од испитаниците, со единица ги оцениле и тоалетите.

– Мнозинството студенти (91 отсто) никогаш не биле вклучени во процесот на носење одлуки во студентските домови во кои престојуваат, за прашања кои ги засегаат како студенти станари. Седумдесет и шест отсто од нив, не знаат каде би можеле да се обратат ако имаат идеја за некоја студентска активност која би сакале да се случи во рамки на студентскиот дом. Вкупно 93 отсто од студентите не знаат како се трошат парите наменети за функционирањето на домот – информира Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум.

Во однос на трошењето на парите, согласно перцепцијата на студентите, имало и коментари од типот: „Во џебот на директорот одат парите“, „За кафана“, „За лични потреби на овластените лица во домот“.

Прашани за корупцивни дејствија во домот во кој живеат, како најчести појави со кои имале личен контакт испитаниците ги издвојуваат користењето врски или лични познанства за добивање студентско легло, привилегии или подобар третман во студентскиот дом.

„Постојат индикации дека управата на државните студентски домови забележала коруптивни дејствија во домовите но не постојат информации за активностите на управата на ова поле. Според наодите од теренското анкетирање, мнозинството од студентите не знаат каде можат да пријават корупција и не би пријавиле коруптивни појави“, стои во заклучокот.