Бројот на инфицирани со корона вирусот и заболени од ковид-19 во Прилеп забрзано расте. Само во текот на вчерашниот ден починаа петмина, новозаболени се 105 граѓани, на инфективното одделение во Прилеп се хоспитализирани 89, од кои 77 граѓани се на кислородна поддршка, а во дневната болница се лекуваат дополнително 92 заболени лица. Во моментов, активни се преку 900 случаи на ковид-19 во овој град. Ова е причината општинскиот кризен штаб да побара од главниот кризен штаб на РСМ и Комисијата за заразни болеси, заострување на мерките. Барањето е на територијата на општина Прилеп, полицискиот час да почне три часа порано, т.е. од 19 часот и да трае до 5 часот изутрина.
„Свесни сме дека со оваа мерка, уште повеќе ќе се наруши комодитетот на граѓаните. Но, од превентивни причини, подобро е на сите нас во овој период од две до три недели, да ни бидат скратени дружбите и забавите, отколку да го зголемиме ризикот и можноста да бидат заразени повозрасните, ризичните и групите на граѓани кои имаат пропратни болести. За жал има случаи каде граѓани со потврден позитивен ПСР тест се шетааат низ градот, влегуваат во аптеки, продавници, маркети итн. Тоа е чин на највисока неодговорност и заслужува секаква осуда од целата јавност“, вели градоначалникот Илија Јованоски.
Тој посочи и на други примери на несовесно однесување на дел од граѓаните, кои правеле забави и собиранки во домашна атмосфера, зголемувајќи го ризикот, а со тоа и бројот на новозаболени од британскиот сој на корона вирус, којшто има значително поголема контагиозност.
Во рамките на сетот превентивни мерки што ги донесе кризниот штаб, од утре во Прилеп јавниот превоз ќе сообраќа до 18 часот, на влезовите од зелениот пазар, на ковид штандови на секој граѓанин ќе му бидат дезинфицирани рацете, а тие што не носат заштитни маски нема да им биде дозволен влез во пазарот. Ќе се користи и полициска асистенција со цел да се спречат собирите во пазарот. Пазаришната инспекција и полицијата ќе ги интензивираат контролите и во угостителските објекти.
Од почетокот на пандемијата во Прилеп се евидентирани вкупно 6.227 заболени граѓани од ковид-19, а починале 289.
Инаку, вчера попладнето музичари од Прилеп побараа од музичките здруженија итно да изготват протоколи кои ќе им овозможат да продолжат со непречена работа и да ги достават до Владата. Во спротивно, како што велат, деноноќно ќе го блокираат патниот правец Прилеп – Скопје на превојот Плетвар.
„Проблемите поради „ковид“ пандемијата, сите нѐ засегаат. Еве цела година откако не работиме и немаме право на егзистенција. Ние сме единствената гранка во општеството, која е дискриминирана и нема право да ги остварува своите работни обврски! Не бараме парична помош од државата, не сакаме да го оптоваруваме буџетот. Ние бараме да се изготват протоколи и мерки за конечно да почнеме да музицираме. Како што се изготвија мерки за дискотеки, казина, кафулиња, ресторани итн., така може и музичарите да работат и да егзистираат“ порачаа прилепските музичари во дописот лиферуван до медиумите вчера попладне, веднаш по нивната средба.