Кризата го намали увозот на возила годинава, сè уште нема забрана за увоз на коли со ЕУРО 4 мотори

Фото: Архива на Мета.мк

Енергетската криза со значителните поскапувања на нафтените деривати годинава доведе до намалување на увозот на возила од странство поради намалениот интерес за набавка на возила од граѓаните. Во Македонија во првите шест месеци од годинава биле увезени 10.666 половни автомобили, камиони и автобуси, додека 3.272 од возилата биле увезени како нови.

Податоците на Царинската управа на РСМ говорат за забележително намалување на увозот на половни и нови возила од странство. Колку за споредба, во текот на целата 2021 година во земјава биле увезени 37.832 половни, како и 6.880 нови автомобили, автобуси и камиони.

Увезени над 400.000 половни возила, најавената забрана не е на дневен ред [инфографик]

Падот на интересот за купување на возила се случува во период кога цените на бензините и дизелот на бензинските пумпи се искачија на над 100 денари за литар, при што ова се рекордни цени на нафтените деривати што се незабележани во изминативе години, а се појавија како последица на драстичното поскапување на цената на нафтата на светските берзи, првенствено поради војната во Украина.

Владата нема донесено одлука за забрана за увоз на возила со ЕУРО 4 мотори

Министерството за економија во јануари 2021 година најпрво вети дека увозот на возила постари од 10 години ќе биде забранет во текот на минатата година, за потоа да информира дека ваквата мерка се одложува за 2022 година. И покрај тоа што поминаа веќе седум месеци од годинава, од Владата и од Министерството за економија засега не објавуваат кога ќе биде донесена одлуката за забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови.

Бектеши: Во земјава годинава ќе се забрани увозот на половни возила со стандард под ЕУРО 5

На прашањата во врска со оваа тема, од Владата на РСМ за Мета.мк не обелоденија конкретен период кога би можело на владина седница да се донесе одлуката за заострување на критериумите за увоз на половни возила од странство.

„Доколку се расправа и се донесе одлука за заострување на критериумите за увоз на половни возила (од минимум ЕУРО 4 на минимум ЕУРО 5), Министерството за економија може да изврши измена и дополнување на правилниците и истите да ги објави (да стапат во сила) во рок од два до три месеци, за што јавноста навремено ќе биде информирана“, велат за Мета.мк од Владата на РСМ.

Тие објаснуваат дека откако Владата ќе ја донесе одлуката, Министерството за економија ќе треба да ја спроведе со измена на правилниците.

„Сите правилници (подзаконски акти) кои се предвидени (пропишани) согласно Законот за возила се донесени, а со тоа и правилниците кои го регулираат увозот на возила“, велат од Министерството за економија, кои дополнуваат дека тие би ја спровеле одлуката за забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандард откако Владата би ја усвоила на седница.

Според последните податоци достапни од Царинската управа на РСМ, од 2009 година до денес, во земјава се увезени 417.554 половни автомобили, автобуси и камиони коишто секојдневно се движат по патиштата. Најголемиот дел од нив се стари повеќе од 10 години, што пак води до постојано зголемување на староста на возниот парк во земјава, која се искачи на рекордни 19,4 години.

Увозот на постар возен парк од странство доведува до зголемено ниво на загадување на воздухот во македонските градови, којшто изразито се чувствува за време на зимските месеци, во комбинација со нееколошкото затоплување на домовите, палењето отпад на отворено и загадувањето од индустриските капацитети. Воедно, веќе е докажано во официјалните извештаи за климатски промени на земјава дека емисиите на стакленички гасови од транспортот растат.

Во „Третиот двогодишен извештај за климатски промени“ се наведува дека во секторот – Енергетика транспортот драстично го зголемува својот процентуален удел во производството на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид еквиваленти во периодот од 1990 до 2016 година. Во периодот пред распадот на Југославија, транспортот во 1990 година имал удел од 8,2 отсто, за во 2016 година неговиот процентуален удел да се зголеми на дури 28,1 отсто.

Емисиите на стакленички гасови во земјава растат кај транспортот и отпадот, опаѓаат во енергетската индустрија [инфографик]

Притоа, од 2016 година до денес, во Македонија се увезени дополнителни 200.000 половни возила од странство, што пак неминивно ќе доведе до значителен пораст на емисиите на стакленички гасови од патниот транспорт, којшто во секторот Енергетика се приближува како удел до опасното загадување од термоелектраните на јаглен во земјава.

Притисокот за увоз на стари возила од странство ќе расте

Доколку не се заостри регулативата за увоз на половни возила од странство, во Македонија ќе продолжи напливот на автомобили, автобуси и камиони што испуштаат големи количества на штетни материи во воздухот.

Мета.мк изминатиов месец беше во Португалија, која е една од земјите-членки на ЕУ каде владее огромен интерес за набавка на електрични и хибридни возила од граѓаните. Според анкетата на Европската инвестициска банка, дури 84 отсто од анкетираните жители на Португалија кои планираат да набават возило, рекле дека ќе изберат или хибриден или електричен автомобил при следната набавка.

Продажбата на електрични возила во Португалија пораснала за 55,3 отсто во 2020 година во споредба со претходната година, додека вкупниот удел на електричните возила во севкупната продажба во 2020 година достигнал 13,6 отсто. Интересот за автомобилите на струја драстично пораснал изминативе месеци, поради енормното поскапување на нафтените деривати.

Цената на дизелот и на бензините е околу 2 евра за литар, така што голем дел од граѓаните сакаат да се ослободат од нивните дотраени возила што сообраќаат на нафтени деривати. Наспроти ова, електричните возила можат да се наполнат на полначи за 2 евра за количество на електрична енергија што би овозможила транспорт од 100 километри.

Од возачите со кои разговаравме во Лисабон, нѝ беше посочено дека нафтените деривати се неколкукратно поскапи, при што во исклучително неконкурентна положба се ставени возачите на Убер, таксистите и другите граѓани на кои дизелашите и бензинците им се основно средства за работа.

Апликациите како Убер, низ улиците на Лисабон нудат драстично различни цени за превоз со автомобил, во зависност од тоа дали е електрично возило или не. Оние што возат на струја нудат поевтини возења низ градот, дури и од јавниот превоз во Лисабон. Дополнително, португалските државни и општински власти нудат цел сет од мерки за поддршка на набавката на електрични возила: субвенции од 3.000 евра за физички лица и 2.250 евра за компании, одбиток од ДДВ за фирмите, ослободување од данокот на возила, бесплатен паркинг низ градовите и слични мерки.