fbpx

Кривични пријави: СДСМ спамира, Обвинителството само регистрира

-

„Јавното обвинителство може да ги распредели предметите на 27 јавни обвинители ако сака, но важно е што досега има направено по тие предмети“, вели за „Мета“ портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, во врска со соопштението од Обвинителството, објавено пред две недели, дека кривичните пријави што ги поднесе опозицијата за сомнежите за криминал што произлегуваат од прислушуваните разговори биле распределени за работа на 17 јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.

Вчера СДСМ до Основното јавно обвинителство за организиран криминал поднесе кривична пријава против Сашо Мијалков, директор на УБК, Светлана Костова, судијка во Вишиот управен суд, и Хаим Хакијни, странски државјанин за примање поткуп, злоупотреба на службена положба и овластување и давање поткуп. Речиси истовремено претседателот на СДСМ во Битола, Васко Ковачевски, до Основното јавно обвинителство во Битола вторпат поднесе кривична пријава против градоначалникот Владимир Талески за конечниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој според СДСМ, покажува незаконско работење на Талески.

Потпреседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, минатата недела, до Основното јавно обвинителство поднесе уште една кривична пријава против премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и други лица поради криминал и корупција во врска со парцелите на Водно.

Ваквата фреквенција на поднесување кривични пријави на опозцијата до Обвинителството, многу потсетува на спамирање, термин што се користи во електронската комуникација, а се однесува на постојано испраќање несакани пораки на едно исто место.

Според последниот извештај  на Обвинителството за работата на јавните обвинителства во 2013 година, објавен во јуни минатата година, вкупниот број на обвинители во земјата изнесува 223, но, како што е наведено во извештајот, пополнети се 203 места.

Во Основното јавно обвинителство Скопје, каде СДСМ ги поднесува кривичните пријави, според извештајот, работат 50 јавни обвинители, а предвидените се 61.

Основното јавно обвинителство за организиран криминал и за корупција, кое е основано за целата територија на државата, според извештајот, пак, брои 12 обвинители, колку што се и предвидени.

Во извештајот се наведува дека од анализата на Јавното обвинителство за своите капацитети, произлегол заклучок дека бројот на јавни обвинители треба да се зголеми од 223 на 270, а една од причините е стапувањето на сила на новиот Закон за кривична постапка.

За експертите, но и за опозицијата, „нормална работа“ е што предметите биле поделени на повеќе јавни обвинители бидејќи станува збор за кривични пријави за повеќе кривични дела.

Но, опозиционерите и понатаму остануваат цврсто на ставот дека Обвинителството не постапува професионално и работи по директива на власта, па оттаму не веруваат дека нешто ќе произлезе од постапката по нивните пријави.

– Не верувам дека Јавното обвинителство ќе сработи нешто повеќе од она што ќе им го каже Груевски. Прашањето не е на колку јавни обвинители е распределен предметот, туку што е направено во врска со него. Но, досега, освен оваа информација, од Обвинителството не слушнавме дека е направено нешто друго. Заев за „Пуч“ трипати го викаа да даде исказ, Верушевски беше сослушуван, има пресуда за еден од обвинетите, додека за другиот случај нема ништо, а кривичните пријави беа поднесени речиси во исто време. Тоа е стара тактика на Обвинителството за одолговлекување на постапката, како што, да речеме, е случајот со аферата „Актор“ – вели Шилегов за „Мета“.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, за „Мета“ вели дека нема ништо спорно во тоа што предметите биле распределени на повеќе јавни обвинители.

– Ако таму има кривични пријави за повеќе кривични дела, тогаш нормална работа е да бидат распределени на повеќе судии и тука нема ништо спорно. Еден обвинител не може да ги води. Тоа би можело да биде случај кога осомничените, кои се опфатени со пријавите, се поврзани како злосторничко здружение. И, во тој случај, предметите би можеле да се распределат на повеќе обвинители, а тие во секој случај за работата им реферираат на повисоките инстанци во обвинителството – вели Калајџиев.

Во соопштението од Обвинителството се наведува дека по дел од пријавите досега биле преземени „определени дејства, а во тек биле и други активности во согласност со Законот за кривична постапка (ЗКП), Кривичниот законик и со внатрешните правила за работење на јавното обвинителство“.

„Напомнуваме дека, како и по сите други кривични пријави и настани, без оглед на тоа кој е подносител и кој е пријавен, надлежните јавни обвинители на ист начин постапуваат и по наведените предмети“, стои во соопштението од Обвинителството.

Досега, колку што е познато за јавноста, ниту еден од лицата опфатени во кривичните пријави на опозицијата не бил повикан и не дал исказ пред Обвинителството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...