Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 експресно ја спроведе пресудата на Врховниот суд и уште денеска донел одлука во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, кој Врховниот суд го укина и го врати предметот на повторно одлучување.

Како што соопштија попладнево од Основниот суд Скопје 1, Кривичниот совет на првостепениот суд не донел конкретна одлука дали на Кочан треба да му биде одредена мерка притвор или ќе се брани од слобода, туку предметот го вратил кај судија на претходна постапка на повторно одлучување.

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, во состав судија Моника Бахчовановска – претседател на советот и судиите Љубинка Башеска и Весна Костов- Спасеска – членови на советот, постапувајќи по жалба на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) изјавена против решение на судија на претходна постапка, донесе решение со кое по повод жалбата на СЈО, а по службена должност, решението на судијата на претходна постапка КПП бр. 144/17 од 2 март 2017 година, го укина и предметот го врати на судијата на претходна постапка на повторно постапување и одлучување поради суштествена повреда на одредбите од член 415, став 1 точка 11 од Законот за кривична постапка“, стои во соопштението на судот.

Инаку, според членот 415, став 1, точка 11, „суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои ако пресудата е нејасна и противречна на самата себе или во неа не се наведени причините за решавачките факти или докази изведени на главната расправа“.

Врховниот суд во петокот минатата недела, постапувајќи по барање за заштита на законитоста, доставено од Јавното обвинителство, реши да ги укине одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, со кои на Кочан му беше одреден притвор и по него беше распишана потерница и го врати предметот на повторно одлучување во Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

Според претседателот на Врохвниот суд, Јово Вангеловски, имало две суштествени повреди на законитоста во одлуките со кои му беше одреден притворот на Кочан, на барање на Специјалното јавно обвинителство.