Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство против четири лица осомничени за нападот врз полициските службеници во Тетово.

За обид за убиство осомничен е 69-годишниот А.И, а неговиот син, 40-годишниот И.И е осомничен за напад на службено лице, кој го извршил при обид да биде уапсен за издржување едногодишна затворска казна.

Другите две лица, 17-годишниот син на лицето со иницијали И.И. и 37-годишниот Е.Ј., се сомничат за напад на службено лице при вршење работи на безбедност.

За сите осомничени е определена мерка притвор од 30 дена. Во притвор се наоѓа само 37-годишниот Е.Ј, додека другите три лица сè уште се во бегство.

Во нападот врз полициските службеници двајца полицајци добија тешки телесни повреди. Едниот од нив е во животно загрозувачка состојба. Тој од лицето А.И., осомничен за обид за убиство, бил нападнат со железна прачка.