Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) денеска соопшти дека ја завршило истрагата почната во март годинава и поднело обвинителен акт за четворица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Тројца од нив со обвинителниот акт се товарат за Злоупотреба на службената положба и овластување, а еден за помагање во извршување на тоа кривично дело.

Според обвинителите, четиримината во период од 25 јануари до 30 мај 2017 година, во вкупно 172 наврати, од касата за посебни на намени на УБК подигнале парии без посебно одобрение од Директорот на Управата, без да се формира Комисија за ништење на материјална документација. Потоа ги уништиле евиденциите за потрошените пари.

„Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 50.670.000,00 денари“, односно 824.000 евра, вели ОЈО-ГОКК.

За тројца од обвинетите било побарано да им се продолжи притворот.