Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против М.Н. во својство на одговорно лице – управител на друштво за вршење технички прегледи на моторни возила поради постоење основи на сомнение за „Проневера во службата“.
Финансиската полиција соопшти дека постојат основи на сомнение дека пријавениот во својство на одговорно лице-управител, во периодот од 01.01.2022 до 31.12.2025, искористувајќи го овластувањето на друштвото за вршење технички прегледи на моторни возила, противправно присвоил парични средства наплатени од физички и правни лица при регистрација на моторни возила, наменети за повеќе субјекти по основ на јавни давачки.
На овој начин, на правниот субјект му прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 674.632 евра, на штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Дополнително, за да го прикрие кривичното дело, во текот на 2022 и 2024 година, пријавениот извршил противправен отпис на јавни давачки во вкупен износ од 277,707 , при што во сметководствената евиденција го намалил долгот кон наведените субјекти и прикажал помал износ на обврски по основ на јавни давачки.
