Во координирана акција спроведена во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември 2025 година, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршија претреси на повеќе локации во Скопје и околината, како и во Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани. Во рамки на акцијата од слобода се лишени 11 лица.

Министерството за внатрешни работи информира дека на 18 декември до ОЈО ГОКК е поднесена кривична пријава против 33 физички лица и две правни лица од Скопје и Куманово. Тие се сомничат за повеќе кривични дела, меѓу кои злосторничко здружување, злоупотреба на постапка за јавна набавка, злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.

Според истрагата, осомничените во текот на 2023 година формирале организирана група со цел извршување на кривични дела поврзани со незаконско доделување договори за јавна набавка и перење пари. Во групата подоцна се вклучиле и други лица.

Станува збор за јавна набавка за „СКАД ормари – мониторинг ормари со ГСМ контролор за топлинска станица“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје. Според МВР, постапката била однапред договорена. Две фирми се пријавиле на огласот, при што фирмата од Куманово доставила непотполна документација и повисока цена, додека фирмата од Скопје понудила износ речиси идентичен со проценетата вредност, иако таа не била јавно објавена.

На овој начин, како што наведуваат од полицијата, овозможено било правното лице од Скопје да го добие договорот и да оствари противправна имотна корист од 400,4 милиони денари без ДДВ што изнесува околу 7,68 милиони евра, на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција.

По извршувањето на овие кривични дела, дел од осомничените во периодот од 2023 до 2025 година, со цел прикривање на потеклото и движењето на парите, пуштиле во оптек, примале и пренесувале парични средства во вкупен износ од над 125,5 милиони денари, односно околу 2,04 милиони евра, со што, според обвинението, го сториле кривичното дело перење пари.

Од ОЈО ГОКК најавуваат продолжување на истрагата и преземање дополнителни дејствија во насока на целосно расчистување на случајот.