Фото: Clark Van Der Beken on Unsplash

Јавното обвинителство Скопје го сомничи 25 годишниот возач од с. Батинци дека во сообраќајната несреќа која се случи ноќта на 8 јуни, а во која загинаа двајца и се повредени седуммина, сторил кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. ОЈО поднело предлог, а судот прифатил мерки за претпазливост: одземање на патна исправа, возачка дозвола и забрана за напуштање на домот.

Како што соопштија од обвинителството, по направениот увид, според првичните сознанија, осомничениот управувал со патничко моторно возило Хундаи Акцент по левата сообраќајна лента од улицата „Борис Трајковски“.

Кога пристигнал пред крстосница, непочитувајќи ги надолжните ознаки на коловозот (удвоена бела полна линија), започнал да врши престигнување од левата страна на патничко моторно возило Фиат Пунто кое се движело пред него.

Осомничениот со престигнувањето го попречил сообраќајот од спротивната насока и при тоа се судрил со патничко моторно возило Мерцедес Е-200. Од ударот, возилото на осомничениот се придвижило кон десно и удрило во патничкото моторно возило Фиат Пунто кое се обидел претходно да го престигнува. Возилото Мерцедес Е-200 од ударот се придвижило и отишло на коловозна лента наменета за сообраќај на возилата од спротивната насока, по што бил удрен од патничко моторно возило Фолсфаген Пасат и возило Фолсфаген Шаран и завршило со движењето удирајќи во метална ограда на блискиот тротоар.

Во сообраќајната незгода, поради тежината на здобиените повреди, на самото место животот го загубиле две лица, 28-годишен скопјанец – возачот на Мерцедес Е-200 и жител на с. Студеничани на возраст од 50 години кои управувал со возилото Фолсваген Пасат.

„Од незгодата со телесни повреди се здобиле шест лица, а со тешки телесни повреди се здобило едногодишно дете“, соопштија од обвинителството.

Оттаму до надлежниот суд поднеле предлог за определување мерки на претпазливост против осомничениот и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува повремено  на определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачката дозвола и забрана за издавање на нова возачка дозвола. Основниот кривичен суд Скопје со Решение ги определи предложените мерки на претпазливост на осомничениот.