Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднело кривична пријава против А.Д. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
На 31 декември, комисија формирана за вршење годишен попис во ЕВР Карпош извршила попис и броење на оружјето во магацините за оружје за кои била задолжена полициската службеничка А.Д. При извршениот попис, било констатирано дека недостасува една автоматска пушка од главниот магацин за оружје во Полициската станица Карпош, која е сопственост на МВР.
На 11 јануари, повторно била извршена контрола во магацинските простории во Полициската станица Карпош во присуство на раководните полициски службеници и лица од Одделот за внатрешна контрола, при што повторно било констатирано дека недостасува една автоматска пушка. Пристап до клучот од магацинот имала само пријавената А.Д. како ракувач со материјално-технички средства во станицата.
Со овие дејствија, тврди МВР, пријавената го сторила делото за кое е поднесена пријавата.
Министерството најавува поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и суспендирање на полициската службеничка од работното место до завршување на дисциплинската постапка.