Поднесена е кривична пријава против С.С. – началник на личното обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“, соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР).
Кривичната пријава за обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши следува по инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром во петокот, кога, поминувајќи на гранична контрола, ѝ било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер.
Откако уредот го поминал скенерот, по половина час дошло лице – полициски службеник од обезбедувањето на Гаши, кое заедно со уште двајца колеги, им се заканувал на вработените во ТАВ, а турнал и полициски службеник вработен на граничен премин.
„Пријавениот С.С. на ден 01.08.2024 г. околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија“, се вели во соопштението на МВР.
Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународниот Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собранието со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со косовската претседателка, а во врска со безбедносните процедури за преглед на багажот.
„Потоа, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработени на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот“, велат од МВР.
Од таму велат дека ќе поднесат предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против полицискиот службеник и дека ќе бидат изречени задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
Против полициските службеници С.Р. и Н.Б. е поднесен предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата.