Основното јавно обвинителство Скопје отвори кривична постапка против 32-годишен жител на Скопје, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Загрозување на безбедноста на сообраќајот“ согласно член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Настанот се случил на 16 јуни во вечерните часови, кога осомничениот, под дејство на алкохол од 1.34 промили, управувал туѓ автомобил од марката „Фолксваген пасат“ по улицата „Христо Татарчев“ во општина Кисела Вода. И покрај тоа што бил свесен дека неговото однесување може да предизвика штетни последици, се согласил со ризикот.
Тој преминал на коловозната лента наменета за возила кои се движат од спротивната насока и со предниот лев страничен дел од возилото удрил во автомобил „Фиат стило“ кој доаѓал од спротивна страна. Во судирот со телесни повреди се здобила сопатничката од автомобилот „Фиат стило“.
Со цел обезбедување на непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител предложи до судија на претходна постапка да се изрече мерка на претпазливост привремено одземање на возачката дозвола на осомничениот, како и забрана за издавање нова.
Како што се наведува во соопштението на Обвинителството, ваквата мерка се предлага поради потребата осомничениот да не учествува во сообраќајот додека трае постапката, особено имајќи предвид дека неговото неодговорно постапување резултирало со повреда на друго лице.