Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) соопшти оти поднело обвинителен предлог против лицето коешто на 23 август преку интернет порталот „Инфомакс“ ја објавило првата страница од записникот за примање кривична пријава во случајот „Рекет“, во која бил содржан исказот на бизнисменот Орце Камчев даден пред јавната обвинителка Вилма Рускоска на 2 мај годинава.

Како што информираат од ОЈО, лицето ќе биде гонето за кривичното дело – оддавање службена тајна. Со овој чин, обвинетиот на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна, со што го прекршил членот 360 став 1 од Кривичниот законик.

„Обвинителството го поднесе обвинението до Основниот кривичен суд Скопје откако по објавата на записникот на споменатиот интернет портал беа направени потребните проверки и беа обезбедени материјалните докази за наведеното кривично дело, согласно Законот за кривична постапка“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Од ОЈО велат засега не го пронашле лицето кое го изнело документот од обвинителството и му го ставило на располагање на порталот „Инфомакс“. Доколку утврдат кој го дал документот или фотографијата на вработениот во „Инфомакс“ и се обезбедат докази за тоа, ќе се почне кривична постапка и против човекот од Јавното обвинителство.

„Во поглед на околностите на кој начин овој записник е излезен од списите на предметот и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, обвинителството ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице го предало и за тоа обезбеди докази“, посочуваат од ОЈО.