Околу 800 Французи од авантуристичкото патување „Еуроп – Раид“ утре ќе ја посетат Крива Паланка за да донираат училишна и спортска опрема на деца кои немаат пристап до училиште или живеат во неповолни услови.

„260 екипажи, секој патник во возило „Пежо 205“, тргнаа од Париз на 27 јули, во духот на меѓународната солидарност, носејќи со себе 17 тони училишна опрема која ја донираат на училишта од Босна и Херцеговина до Бугарија, преку Албанија и Северна Македонија“, се наведува во соопштението на Fранцуската амбасада во Скопје.

Утрешниот настан ќе се одржи во основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка. Французите ќе донираат училишни торби, тетратки, листови, моливи, топки и играчки. На настанот ќе присуствува и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој ќе оствари средба со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Авантуристичкото патување „Еуроп – Раид“ се одржува 6 – ти пат. Во период од 22 дена, годинава патниците во возилата „Пежо 205“ ќе минат 10.000 километри, носејќи со себе училишна и спортска опрема за децата од Балканот.