КриТинк: Конспиративноста е во окото на набљудувачот

Кју анон - новото лице на ширителите на теории на заговор. Фото: Mike McKenzie/Flickr

Заговорникот е човек што надворешниот свет го набљудува со „внатрешно око“ и приликите ги одмерува „од око“. Не ги промерува „од глава до пети“ ниту „премерува двапати“ пред да пресуди. Тој е интуитивен набљудувач на светот и носи заклучоци врз основа на својот инстикт и нагони, се посочува во анализата на „КриТинк“, посветена на феноменот на теориите на заговори, којашто подолу ја пренесуваме во целост.

 Пишува: Д-р Билјана Ѓонеска, научна соработничка, МАНУ 

Секоја конспирација е плод на имагинација.

Оваа изјава важи и за реалните и за претпоставуваните заговори. Кај остваруваните заговори имагинативноста е ставена во функција на ковање нови планови, осмислување невообичаени идеи, неконвенционални пристапи и здружувања. Кај теориите на заговори, пак, таа е одраз на нечии мечти, замисли и вообразби.

Од друга страна, конспиративноста е во окото на набљудувачот.

Зашто тоа е човек што надворешниот свет го набљудува со „внатрешно око“ и одмерува „од око“. Тој верува дека го следи „здравиот разум“, но не размислува „со ладна глава“. И затоа не одредува „по мера“, туку „од ѓутуре“ и „на големо“. Навистина, заговорникот се води од големата слика и чувствата, не од деталите и промислата. За него е најважен првиот впечаток, а го придвижува најмалиот импулс. Неговата реакција е рефлексна, автоматска и инстиктивна, а неговата логика длабоко интуитивна. Конечно, и неговото толкување на сликата на светот е интуитивно, па затоа неговото поимање за нештата станува конспиративно. Во извесна мера, сите ја носиме оваа склоност и во дадени околности се приклонуваме кон површноста и привидот. Зашто интуитивноста е брзоплета, носи инстант-задоволство и исполнува.

Наспроти склоноста кон интуитивно мислење, стои аналитичноста. Таа не доаѓа спонтано, ниту изгледа природно. Напротив, таа изгледа изнасилено, зашто бара напор и упорност. Напати е болна и макотрпна, зашто е долгорочна и не се откажува при првата препрека. Ниту се задоволува со првиот впечаток. Таа е темелна, сосредоточена и настојува кон точност и прецизност. Сепак, и покрај мисловниот напор и истоштувањето, настојувањето на аналитичност се чини дека е најдобриот штит од теориите на заговори. Уште повеќе, аналитичкиот приод надграден со критичка мисла (т.е. подготвеност за преиспитување на нештата и отвореност за постојано обновување на знаењето, но и дополнување на ставовите), и проширен со научен пристап (т.е. раководење од начелата на научното истражување, кое се темели на споредби и претпоставки, но и проверки засновани на факти), се сигурни предвесници за победа во борбата со дезинформации. Зашто, тоа е борба што прво ја водиме со себе и со нашите слабости. И тоа најпрво со слепата послушност кон чувствата, а потоа и подведеноста од зборовите што имаат емотивен и морален полнеж.

Тие зборови може да бидат сензационалистички и заведувачки, оти служат да пренесат емоција, но и некаков вредносен суд. Луѓето прибегнуваат кон такви зборови кога сакаат да покажат морална супериорност, но и да искажат морална осуда и гнев кон некого. Од друга страна, групите и медиумите можат да ги користат во манипулативни цели, па да ја дразнат публиката и да прават раздор.

Во такви околности, емоционалноста станува товар за рационалноста на восприемачот, а потсилените чувства отвараат врата за различни когнитивни пристрасности и предрасуди. Пример, се нагласува склоноста кон избрзано донесување заклучоци или за судење врз основа на преференци.

Интересно, кај луѓето со податливост кон теории на заговори може да постои и нагласена склоност за илузорна перцепција на шеми и обрасци. Пример, кога би биле соочени со апстрактна уметност, односно слики со случаен распоред на контури, верувачите во теории на заговори би покажале тенденција да гледаат скриени значења и да препознаваат нови облици. Уште повеќе, за нив може да е својствено и магиското мислење, односно суеверното убедување дека потсвесните мисли и потиснатите чувства можат некако да влијаат врз надворешните настани и да ги контролираат приликите.

Кон ова се надоврзуваат неконвенционалните светогледи и отвореноста за алтернативни стилови како: верувања во паранормални појави, во окултизам (таинствено и натприродно), анимизам (припишување свест и душевност кон предмети и нежива материја), псевдонаучност и езотеричност, па дури и религиска фанатичност. Се чини дека сите овие манифестации на вербата во натприродното, се само одрази во огледало на желбата за превласт над неблагонаклонетата природа. Поточно, потребата за контрола и надмоќ над приликите, се канализира како верба во различни „супермоќи“ почнувајќи од „рендгенско скенирање“ на прилики, преку „детективското поврзување“ во настани, па до нивно „телепатско придвижување“ со помош на магиското мислење.

А, најголемата моќ, сепак, лежи во знаењето. Зашто, луѓето што сакаат да учат, постојано наоѓаат начини да го унапредат своето знаење и образование, и така стануваат отпорни кон теории на заговори, но отворени за вистината. Едновремено тие остануваат љубопитни и зачудени пред магичноста на светот, која ја откриваат катадневно низ убавините на науката. 

 

 Авторката е национална претставничка за европскиот проект за „Компаративна анализа на теории на заговори“ (conspiracytheories.eu).