Кренато знамето на НАТО, Заев порача дека земјата ја зема судбината во свои раце

На свечена церемонија пред зградата на Владата претпладнево беше кренато знамето на НАТО, како одбележување на историскиот настан за потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО минатата среда, со што почна последниот чекор кон полноправно членство на земјава во НАТО под името Северна Македонија.

Во присуство на речиси комплетниот владин кабинет, Генералштабот на АРМ, воени аташеа во Македонија, како и на поранешни премиери и функционери од јавните институции и дипломатскиот кор, церемонијата започна со интонирање на химната на Република Македонија, по што уследи предавање на знамето на НАТО од страна на Зоран Јанковиќ, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО на премиерот Зоран Заев, кој потоа го предаде на командирот на единицата за почести на АРМ, по што уследи чинот на кревањето на знамето, додека се интонираше химната на НАТО.

Премиерот Зоран Заев потоа во говорот порача дека Македонија успеала „да спречи судбината да и биде иднина“ и ја зела судбината во свои раце и рече дека „Република Северна Македонија ќе стане рамноправен партнер на модерниот свет“ и никој повеќе нема да ја блокира.

– Денеска со сигурност кажуваме дека нашата татковина е на вистинскиот пат кон прогресот и кон непречен развој. Успеавме, од споредниот колосек на Балканот на кој чекавме со децении, се вративме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата и самите ќе одлучуваме за својата иднина. Иднината повеќе не ни е судбина, ние ја земавме судбината во своите раце. Никој веќе нема да не блокира за надвор. Ви честитам вам, на сите граѓани што храбро зачекоривте и ја побаравте иднината што нашиот народ ја залужува. Да им оддадеме придонес и на загинатите припадници на мировните мисии, на загинатиот претседател Борис Трајковски и на неговиот тим и на загинатите мировници во хеликоптерската несреќа што се враќаа од мисијата Алтеа од БиХ, кои дадоа придонес за остварување на долготрајната цел, да станеме дел од НАТО. Да се заблагодариме и на покојниот прв претседател Киро Глигоров, кој уште пред осамостојувањето се определи за воспоставување на мирна коегзистенција и на пораншниот претседател Бранко Црвенковски – рече Заев, изоставајќи го актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој не беше присутен на церемонијата.

Тој се заблагодари и на АРМ и на медијаторот за спорот за името, Метју Нимиц, како и на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, кои го создадоа Преспанскиот договор, а се заблагодари за „визионерството и непоколебливоста и на својот грчки колега Алексис Ципрас“, но и  на сите пратеници и од актуелнито и од сите претходни состави за чекорите што ги презеле за зачленувањето во НАТО и за определбата за ЕУ.

Премиерот, кој во втората половина на својот говор почна постојано да го употребува името Северна Македонија, потсети и на Народноослободителната војна и на двете заседанија на АСНОМ, со кои, како што рече е формирана државата што наскоро под името Северна Македонија ќе стои рамо до рамо со Европа и светот. Заев порача дека патот што стои пред Северна Македонија кон остварување на целта за зачленување во ЕУ ќе биде долг и тежок, и притоа ќе мора да се прават уште многу реформи, при што нема да има толеранција за лошо судство, корупција и злоупотреба на моќта.

– Северна Македонија нема да има друг избор освен други добри политички, културни економски односи, Балканот нема да има друг избор освен соработка и развој. Градењето пријателство останува наш врвен приоритет во надворешната политика, која секогаш произлегува од стабилност и добрите односиодноси во самата зема. Газиме цврсто, нема место за еуфорија, не чека многу работа, долги години и многу реформи за за да се посветиме на остварување на целта за зачленување во ЕУ. Нашата цел е судовите праведно да делат подеднакво правда за сите. Ќе има нула толеранција за корупцијата и личните интереси и привилегиите не смее да преовладуваат. Секој мора да ги следи правилата и тие со големи банкарски сметки и тие што имаат многу малку, да бидат еднакви, како и тие што не се со ниту една партија. Сите гласавме за иднината на нашите деца. Сите политичари да ја почитуваат определбата на нашите граѓаните. Друг подобар избор нема. Сите имаме пат, тоа е патот слободарски, тоа е патот кон Европа – рече Заев, на крајот порачувајќи „Да живее Европска, Република Северна Македонија!“.

На церемонијата не присуствуваше претседателот на државата и врховен командант на оружените сили Ѓорге Иванов. Според неговиот кабинет, не бил поканет, а според Владата, уредно била испратена покана. Отсуствуваа и високи претставници на МПЦ, која беше претставувана од пензионирани протоереи, за разлика од ИВЗ, која ја претставуваше нејзиниот поглавар Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи.

Покрај гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска – Бежоска, народниот правобранител Иџет Мемети и првите луѓе на Врховен суд и на Јавното обвинителство, амбасадорите и актуелни и поранешни пратеници, на денешната церемонија присуствуваа и поранешните премиери Љубчо Георгиевски, Хари Костов и Владо Бучковски, а отсуствуваше и поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски. Не беа присутни ниту Али Ахмети, претседателот на ДУИ, главниот коалициски партнер во власта, но и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.