Кремљ значително ја засилил личната безбедност на рускиот претседател Владимир Путин, поставувајќи системи за надзор и во домовите на неговите најблиски соработници, како дел од новите мерки воведени по серија атентати врз високи руски воени функционери и поради страв од можен државен удар, се наведува во извештај на европска разузнавачка служба, пренесува Си-Ен-Ен.

Во документот се вели дека готвачите, телохранителите и фотографите кои работат со претседателот имаат забрана да користат јавен превоз. Посетителите на Путин мора да поминат двојна безбедносна проверка, а оние што работат блиску до него смеат да користат само телефони без интернет.

Дел од мерките биле воведени во последните месеци, по убиството на висок генерал во декември, што предизвикало судир во врвот на руските безбедносни структури. Извештајот укажува на растечка загриженост во Кремљ, во услови на зголемени внатрешни и надворешни проблеми, вклучително економски тешкотии, зголемени знаци на незадоволство и неуспеси на бојното поле во Украина.

Руските безбедносни служби го намалиле бројот на локации што Путин редовно ги посетува. Тој и неговото семејство престанале да ги посетуваат резиденциите во московскиот регион, и во Валдај каде е неговиот изолиран летен имот. Според извештајот, годинава тој не посетил ниту една воена база, иако во 2025 година тоа го правел редовно. За да ги заобиколи овие ограничувања, Кремљ во јавноста објавува однапред снимени видеа од претседателот.

Од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година, Путин често поминува по неколку недели во модернизирани бункери, најчесто во Краснодарскиот регион на брегот на Црното Море, одалечено на неколку часа од Москва.

Извештајот, кој до Си-Ен-Ен доаѓа од извор близок до европска разузнавачка служба, укажува на сè поголема перцепција за криза околу Кремљ, четири години по почетокот на војната. Според западни проценки, Русија има околу 30.000 загинати и ранети месечно, со ограничени територијални придобивки на фронтот, додека украинските напади со дронови длабоко во руската територија се зачестени.

Економската цена на војната станува сè поочигледна, прекините во мобилните мрежи во големите градови предизвикуваат незадоволство дури и кај проруски настроената урбана елита, што укажува дека последиците од војната сè повеќе ги погодуваат и тие слоеви.

Според извештајот, од почетокот на март 2026 година „Кремљ и самиот Владимир Путин се загрижени за можни протекувања на чувствителни информации, како и за ризик од заговор или обид за државен удар насочен кон рускиот претседател. Особено постои страв од можен атентат со користење дронови од страна на припадници на руската политичка елита.“

Највпечатлив дел од извештајот се однесува на поранешниот близок соработник на Путин, Сергеј Шојгу. Поранешниот министер за одбрана, кој сега е секретар на Советот за безбедност, „се поврзува со ризик од пуч, бидејќи и натаму има значително влијание врз врвот на армијата“, се наведува во документот.

Се додава дека апсењето на 5 март на неговиот поранешен заменик и близок соработник Руслан Цаликов се смета за „нарушување на неформалните договори за заштита меѓу елитите“, што го ослабува Шојгу и ја зголемува веројатноста и самиот да стане цел на истрага.

Рускиот истражен комитет соопшти дека Цаликов е уапсен под сомнение за проневера, перење пари и поткуп. Извештаите за корупција во воениот врв се чести, но се зголемија по почетокот на војната во Украина. Извештајот не нуди директни докази за наводите против Шојгу, кој важеше за близок сојузник на Путин, а евентуален обид за негово соборување би значел драматичен пресврт.

Имајќи предвид дека објавувањето на вакви информации може да има за цел дестабилизација на Кремљ, се поставува прашањето зошто европската разузнавачка служба би предупредила за можен пуч.

Путин веќе преживеа обид за бунт во јуни 2023 година, кога лидерот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, започна неуспешен марш кон Москва.

Внатрешните судири во руската елита често се предмет на шпекулации, но ретко излегуваат во јавност. Во услови кога американската поддршка за Украина опаѓа, европските разузнавачки служби имаат мотив да укажуваат на растечки тензии и недоверба во Кремљ.

Поради природата на ваквите информации, дел од наводите тешко може независно да се потврдат. Си-Ен-Ен побара коментар од Кремљ. Дел од наведените мерки како строгите проверки, избегнувањето паметни телефони и ограниченото движење на Путин веќе биле познати. Сепак, тој и понатаму се појавува во јавноста, оваа недела се сретна со чеченскиот лидер Рамзан Кадиров и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

Путин започна да се изолира уште за време на пандемијата на Ковид-19, кога одржуваше дистанца од гостите, седејќи на долги маси. Според извештаи, тој користи идентични канцеларии на повеќе локации од каде преку видео врска комуницира со владата.

Новите мерки доаѓаат неколку дена по најавата за промени на воената парада на 9 мај на Црвениот плоштад. Годинава таа ќе се одржи без тешко вооружување, како тенкови и ракети. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека причината е зголемената закана и успешните украински напади со долг дострел.

„Во услови на ваква терористичка закана, се преземаат сите мерки за да се минимизира ризикот“, изјави Песков.

Парадите традиционално служат како демонстрација на воената моќ на Кремљ, но од почетокот на војната нивниот обем е намален поради безбедносни причини.

Извештајот укажува дека новите мерки биле делумно поттикнати од жестока расправија меѓу високите функционери на состанок во Кремљ кон крајот на минатата година. По убиството на генерал-потполковник Фанил Сарваров во Москва на 22 декември 2025 година, Путин три дена подоцна свикал состанок со клучните безбедносни претставници.

На состанокот, началникот на Генералштабот Валериј Герасимов го обвинил шефот на ФСБ, Александар Бортников, дека не успеал да ги заштити воените лица, додека Бортников возвратил дека нема доволно ресурси и персонал. „Нагласувајќи го стравот и деморализацијата меѓу војската, Герасимов остро ги критикуваше безбедносните служби за недостаток на предвидливост“, се наведува во извештајот.

На крајот од состанокот, Путин повикал на смирување на ситуацијата и побарал конкретни решенија во рок од една недела. Како резултат, неговата Федерална служба за заштита (ФСО) ја проширила својата улога, покрај Герасимов, добиле задача да обезбедуваат уште десет високи команданти. По ова, дополнително биле зајакнати и личните безбедносни мерки за Путин.

Ретко се случува западни разузнавачки служби да објавуваат детални информации за доверливи разговори на противнички структури, што укажува дека оваа објава може да има и поширока политичка цел, да се нагласат внатрешните слабости на Русија во контекст на војната во Украина.

Извор: Си-Ен-Ен