Кремљ и руски медиуми шпекулираат дека ЕУ би можела да ја нападне Русија до 2027 година,  но тоа не е официјална позиција ниту политика на самата ЕУ. Голем дел од подготовките за воена мобилизација и зајакнување на капацитетите до 2030 г. имаат сосема одбранбен карактер – не подразбираат напад, туку се одговор на потенцијалната руска експанзија. Европската Унија е политички и економски сојуз на држави кој се темели на принципите на демократија, мир и владеење на правото. ЕУ работи на развој на заедничка безбедносна политика, ама таа е ориентирана кон одбрана, стабилност и помош на сојузниците, а не кон агресија. Европските држави сѐ повеќе инвестираат во својата одбрана – но тоа е последица на руската агресија врз Украина, а не подготовка за напад на Русија, пренесува Вистиномер.

Пишува: Ана Анастасовска

Во последниве години, особено по почетокот на војната во Украина во 2022 година, Русија значително ја засили својата пропагандна и дезинформациска кампања со цел да го прикаже Западот, особено Европската Унија, како агресивна сила која се подготвува за војна против Русија. Ова е класичен пример на дезинформации – намерно ширење лажни или изманипулирани информации со цел да се предизвика страв, да се мобилизира домашното население и да се оправда сопствената агресивна политика.

Рускиот режим и медиуми контролирани од државата постојано промовираат пораки дека ЕУ и НАТО се „закануваат“ на Русија, дека се подготвуваат за војна и дека Русија е принудена да се брани. Овие наративи често се темелат на целосно извадени од контекст изјави на западни политичари, воени вежби кои се рутински, или на одбранбени мерки на земјите-членки на НАТО кои се преземени како реакција на руската инвазија врз Украина.

Европската Унија, покриена со темни дамки, под изговор на таканаречени закани од Истокот, како што некогаш тоа го правеше Третиот Рајх, повторно се ремилитаризира. Не го крие тоа и отворено ја нарекува нашата земја непријател. Очигледно е дека не ги научиле лекциите од историјата, изјави во една прилика портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. (мај 2025)

НАТО и Европската Унија се подготвуваат за воен конфликт со Русија, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација Александар Грушко. (јули 2025)

Преку создавање на илузија дека ЕУ е подготвена да ја нападне Русија, Кремљ се обидува да го легитимизира своето воено трошење, репресијата врз неистомислениците и да ги одврати руските граѓани од критичко размислување. Дополнително, оваа стратегија има за цел да го разниша единството внатре во ЕУ, вметнувајќи сомнеж во односите меѓу европските држави и нивната одлучност да ѝ се спротивстават на руската агресија.

 

На социјалните мрежи се промовира наративот дека ЕУ ќе ја нападне Русија

Дезинформации дека Европската Унија се подготвува да ја нападне Русија, се шират и кај нас на социјалните мрежи.

ЕУ се спрема за војна со Русија, стои во една објава на Фејсбук.

Друга објави одат чекор понатаму:

НАТО и ЕУ СЕ ПОДГОТВУВААТ? Тргаат на Русија, бродовите се подготвени?

На големо се спрема лажен (FOLSE FLAG ATTACK) за да се придобие народот во ЕУ за воен напад на Русија. 11 Септември е доказ дека функчионира тој систем. Најкасно до Септември треба да се случи. Воен разузнавач свиркач е извор на оваа информација.

Со наслов „ЕУ ВЛЕГУВА ВО ВОЈНА?!“ една објава изнесува поширока анализа во која меѓу другото се вели:

…ЕУ не отстапува ни милиметар од поставените цели на „заедницата на вредности“, што денес значи пред сè укинување на слободата на говорот, на политичкото организирање, научните истражувања и секоја можност за излегување надвор од рамките на поставената идеологија. Она што Вацлав Клаус го најави пред петнаесет години, дека ЕУ се претвора во нова Коминтерна, сега се остварува на очигледен начин. Но Брисел стана и носител на неоконзервативниот интервенционизам, т.е. на оние политики што се стремат да ја одржат супериорноста на западниот свет дури и по цена на нови студени и реални војни, секогаш кога е можно. Во суштина, Брисел како истовремено седиште на НАТО и ЕУ, со помош на неизбежниот Лондон и американската длабока држава, стана симбол на она што Џејмс Џатрас убаво го дефинираше кога рече дека „трансатлантизмот оди со трансродовството“. Во центарот на овој нов потфат е војната со Русија. Досега, преку посредник, Украина, но со очигледни намери повторно да се обидат со напад врз Москва. Додека администрацијата на Трамп некако се обидува да ја запре војната прифаќајќи одредени отстапки за Русија, Брисел експлицитно тврди дека целосната поддршка за Украина за продолжување на војната и нејзината интеграција во западниот безбедносен систем е единствениот прифатлив начин и дека иднината на ЕУ и западната цивилизација зависи од исходот на војната во Украина…

 

Кремљ бара имагинарни надворешни непријатели за да го оправда реваншизмот и империјализмот  

Пред неколку недели, токму трошоците за одбрана на НАТО се најдоа на нишанот на дезинформациите на Кремљ. Сега, манипулативниот поглед на Москва е свртен кон Европа, додека Кремљ се стреми да бара нови имагинарни надворешни непријатели за да го оправда реваншистичкиот и империјалистички поглед на светот на Русија, пишува EUvsDisinfo во својата анализа објавена на 10 јули 2025 година.

Русија ја претстави Европа како новиот „злосторник“ веќе веднаш по самитот на НАТО во Хаг, а во неделите потоа, про-Кремљ екосистемот на дезинформации се потруди да ја прикаже Европа, особено Германија и Франција, како свој непријател број 1. Да бидеме фер, Русија сè уште има огромна нетрпеливост кон НАТО, но сега, сè повеќе, европските сојузници на трансатлантската алијанса го предизвикуваат гневот на Кремљ, наведува EUvsDisinfo.

Неодамна, руската државна телевизија и радио беа полни со шпекулации за Европа која наводно се подготвува да ја нападне Русија . Ова има многу форми, од тврдење дека со наводното губење на интересот на САД , Европа ќе ја преземе контролата користејќи ја Украина против Русија , до размислување какви ресурси Европа може да мобилизира против Русија. Целта овде е сосема очигледна: да се привлече духот на надворешен непријател со прикажување на европските одбранбени иницијативи како „агресивна милитаризација“ и поддршката на ЕУ за Украина како „военоподбуцнувачка“, за да се убеди публиката дека единствениот пат напред е патот на Кремљ, посочува EUvsDisinfo.

Социјалната медиумска алијанса за дезинформации (DISA) ја дефинира оваа манипулативна тактика на Русија како дел од хибридна војна, каде вистинската стратегија е да се создаде недоверба во европските капацитети и да се меша во политичката поддршка за Украина.

Руската пропагандна машина започна нова кампања за дезинформации, дрско обидувајќи се да ја префрли вината за долготрајната војна во Украина врз Европската Унија. Оваа нарација лажно ги прикажува Русија и САД како здружени во нивната желба за мир, додека ги обвинува европските лидери за тајно продолжување на конфликтот за свои злобни цели. Ова искривено прикажување практично го занемарува неоспорниот факт дека Русија ја иницираше инвазијата и продолжува да ги ескалира непријателствата преку немилосрдни бомбардирања и копнени офанзиви, наведува DISA.

Ваквите дезинформациски наративи на Русија, Вистиномер ги има дебанкирано повеќе пати.

 

ЕУ ја зајакнува одбраната

Нема никакви индиции или официјални извештаи дека ЕУ се подготвува да ја нападне Русија.

Она што е вистина и поддржано од официјални извори е дека ЕУ вложува значајни средства во јакнење на сопствената одбрана и поддршка на Украина преку сeт санкции, испораки на оружје и постројување на заеднички баталјони, но тоа се мерки за одбрана, а не за агресија.

Европската комисија (ЕК) пред неколку месеци ја претстави таканаречената „Бела книга“ за одбранбените способности на ЕУ. Стратешкиот документ треба да покаже како ЕУ и нејзините земји-членки може да ја зголемат способноста за одбрана до 2030 година. Една од главните причини за тоа е Русија. Во документот се наведува дека „ако ѝ се дозволи на Русија да ги постигне своите цели во Украина, нејзините територијални амбиции ќе се прошират. Русија ќе остане закана за европската безбедност во догледна иднина“.

Белата книга не се однесува само на Русија, туку посочува и на сè поагресивната Кина, на неизвесноста на Блискиот Исток предизвикана од падот на режимот на Асад во Сирија и на состојбата во Газа. Покрај сето тоа, има опасност од хибридни напади и чинови на саботажа на инфраструктурата.

ЕУ развива План „Readiness 2030“ (Readiness 2030 или ReArm Europe), кој предвидува мобилизација на 800 милијарди евра за одбранбени капацитети до 2030 година – повторно, во контекст на одбрана, не напад.

На 18 јули ЕУ усвои 18. пакет санкции против Русија – тоа е економски, не воен акт.

Русија ја гледа овaа политикa и ја опишува како „милитаризација“ и потенцијална закана, но тоа е двонасочна реторика, а не фактички доказ за план за напад.

Кремљ и руски медиуми („Комсомолска правда“ и други) шпекулираат дека „ЕУ би можела да ја нападне Русија до 2027“, но тоа не е официјална позиција ниту политика на самата ЕУ. Голем дел од подготовките за воена мобилизација и зајакнување на капацитетите до 2030 година имаат сосема одбранбен карактер – не подразбираат напад, туку се одговор на потенцијалната руска експанзија.

Европската Унија е политички и економски сојуз на држави кој се темели на принципите на демократија, мир и владеење на правото. Иако не е воено здружение како НАТО, ЕУ работи на развој на заедничка безбедносна политика, ама таа е ориентирана кон одбрана, стабилност и помош на сојузниците, а не кон агресија. Европските држави сѐ повеќе инвестираат во својата одбрана – но тоа е последица на руската агресија врз Украина, а не подготовка за напад на Русија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар