Москва планира да протера околу 30 американски дипломати и да заплени неколку објекти во сопственост на САД во Русија, пишува весникот „Известија“.

Весникот, кој важи за близок до руските власти, се повикува на неименуван извор во руското МНР.

Како што се наведува во написот, ваквите мерки на Русија се последица на одлуката на Вашингтон да не врати имот на руската амбасада во Вашингтон, одземен во декември 2016 година.

Ова прашање остана нерешено и по состанокот на претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Хамбург.

„Известија“ наведува дека на средбата во Хамбург било отворено прашање, но станало очигледно дека САД немаат план за решавање на кризата во односите. Весникот наведува дека Русија планира да одговори реципрочно, односно да протера 30 службеници од американската дипломатска мисија и да воведе реципрочни сакнции кон американскиот имот во Русија.

Москва соопшти дека не сака да воведе вакви мерки, но дека не може да остане без одговор на непријателскиот акт на Вашингтон.