Креирањето зелени работни места е неопходно во борбата со климатските промени

Креирањето на нови зелени работни места ќе им даде можност на младите да работат во сектори кои се во согласност со најновите климатски трендови

Фото: МЖСПП

„Борбата против климатските промени не се однесува само на политиките, технологиите или инфраструктурата туку и за луѓето. За ефективно да се справиме со овие предизвици, мораме да инвестираме во човечки капитал, нашата колективна способност да се приспособиме, да иновираме и да градиме отпорни општества“, рече денеска првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. Тој, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, владиниот координатор за Зелениот климатски фонд, Даме Димитровски и проект менаџерот во Канцеларијата на ГИЗ во Скопје, Марк Барет, учествуваше на завршниот настан на проектот „Градење капацитети кон одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“, во организација на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.

Меџити посочи дека образованието игра клучна улога во градењето на отпорност на климата а знаењето ги оспособува поединците да донесуваат информирани одлуки и да спроведуваат одржливи решенија.

„Климатските промени претставуваат еден од најголемите предизвици на нашето време. За ефикасно да се справиме со овие предизвици, мораме да инвестираме во човечкиот капитал. Во таа насока, го финализираме предлогот на Законот за климатска акција, во кој се вградени и прашањата за образование за климата и трансферот на технологии,“ рече Меџити.

Креирањето на нови зелени работни места е од исклучителна важност во борбата со климатските промени. Тие ќе им дадат можност на младите да работат во сектори кои се во согласност со најновите климатски трендови. Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани истакна дека Националниот Акциски план за поддршка на развојот на зелено, климатски паметно, родово чувствително и инклузивно вработување, во клучните економски сектори во државата, содржи конкретни мерки за адаптација на пазарот на трудот кон зелената транзиција.

Владиниот координатор за Зелениот климатски фонд, Даме Димитровски истакна дека климатските промени се високо во владината агенда и дека секторите образование, социјална заштита и здравство се препознаени како клучни во зелената агенда и додаде дека институциите ќе ги имплементираат акциски планови со клучни активности за справување со климатските промени.

Марк Барет, проектен менаџер на Германското друштво за меѓународна соработка GIZ, истакна дека една третина од портфолиото е всушност имплементација на проекти кои како на национално, така и на регионално ниво придонесуваат кон адаптација на земјоделието и транспортниот сектор, декарбонизација на енергетскиот сектор, унапредување на енергетската ефикасност на јавните објекти и справување со поплави, како и зајакнување на приватниот сектор кој игра клучна улога во зелената транзиција.