Креирана платформа „Web4Jobs“ за поврзување на млади невработени лица од Балканот

Со цел да се поврзaт млади невработени лица од регионот на Западен Балкан и да се обезбедат можности за вработување, образование, обуки, мобилност и претприемништво за успешен влез на пазарот на труд, неколку балкански граѓански организации, меѓу кои и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја креираа онлајн платформата Web4Jobs.

„Со платформата имаме за цел да обезбедиме повеќе можности за младите, не само на на национално ниво, туку на ниво на Западен Балкан, истовремено адресирајќи ја и младинската невработеност, а и промовирајќи ја мобилноста на младите помеѓу државите од регионот“ изјави за „Мета.мк“ Филип Кулаков од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Платформата се состои од пет главни категории: можности за обуки, едукација, вештини за барање работа, кариерно советување и самовработување. Истата има за цел да ја интегрира и промовира мобилноста на младите луѓе во регионот на Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и обезбедување на е-услуги.

Кулаков вели дека со оглед на тоа што сè уште трае ковид кризата, младите се особено ранлива категорија на граѓани, бидејќи голем дел од нив работат со договори за вработување на определено време или со договори на дело, а и голем дел се вработени во секторите туризам и угостителство, кои особено беа погодени од страна на пандемијата.

Како одговор на негативните ефекти од пандемијата, НМСМ заедно со група од граѓански организации изработија документ со низа препораки за надминување импликациите од кризата, категоризирани по тематски области, вклучително и младинската невработеност.

„Предлагаме имплементирање на политиката Гаранција за млади на национално ниво со цел доквалификување и преквалификување на младите со цел нивно полесно вработување, обезбедување на заштита на прекарните работници, кои се најнесигурната категорија работници и немаат речиси никакво социјално ниту здравствено осигурување. Исто така, воведување на онлајн или телефонско кариерно советување и поддршка за млади водени од лиценцирани кариерни советници, психолози и врснички ментори за младите кои периодов го завршуваат своето образование и треба да се приклучат на пазарот на труд, млади кои имаат потреба да бараат работа и млади кои изгубиле работа поради кризата. Како и заштита на младите работници од злоупотреби на работните права, работното време, придонеси итн.“ истакнува Кулаков.

„Web4Jobs“ платформата е дел од WeB4YES – Western Balkan Civil Society for Youth Employment Support проектот кој го реализираат Белградската отворена школа во партнерство со Национален младински совет на Македонија, ADP-Zid, Beyond Barriers – Pertej Barrierave, Institut za razvoj mladih KULT, Međunarodni Centar Olof Palme – Balkan и Lens.