фото Влада
фото Влада

Со 46,5 милиони евра преку Рамката за партнерство со Светска банка, ќе се спроведат „Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор“ и „Проектот за унапредување на основното образование“. Првиот проект има за цел креирање на одржливи механизми за енергетска ефикасност во јавниот сектор, додека со „Проектот за унапредување на основно образование“, преку инвестиции во инфраструктурата, образовните програми и кадри, треба да ги подобри условите во образованието.

Двата проекта денеска беа промовирани од министерот за финансии, Фатмир Бесими, директорот на Светска банка Масимилијано Паолучи, министерот за економија, Крешник Бектеши, за здравство, Венко Филипче и министерката за образование и наука, Мила Царовска, со присуство на директорот на Развојната банка, Кире Наумов.

„И двата проекта се во насока на постигнување на СМАРТ-раст или „Попаметен раст“, преку вложување во подобрување на ефикасноста и инвестиции во креирање на додадена вредност, преку унапредување на човечките ресурси. Тие имаат силна развојна компонента и се од големо значење, особено услови на ковид кризата врз економијата. Инјектирањето на средства во вакви проекти е од големо значење за заздравување на економијата и за забрзување на економскиот раст“, посочи Бесими.

Масимилијано Паолучи истакна дека „Проектот за унапредување на основното образование“ ќе ги поддржи реформите на Владата и ќе придонесе кон изградба на модерен и ефикасен систем за образование  и поконкурентен и адаптибилен човечки капитал.

„Ќе бидат директно опфатени основните училишта, со цел да се подобрат условите за учење и да се ублажат загубите во учењето, генерирани од пандемијата. Ќе обезбедиме поддршка на учениците од ранливите групи, Ромите, девојчињата и учениците погодени од затворањето на училиштата поради ковид кризата“, рече Паолучи.

Во однос на „Проектот за енергетска ефикасност“, тој потенцира дека е во вкупна вредност од 25 милиони евра и има за цел намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и поддршка за воспоставување и спроведување одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност.

Овој проект што ќе се спроведе преку проектната единица МСИП во Министерството за финансии, се состои од три компоненти, инвестиции во енергетски ефикасни проекти и обновлива енергија во јавни објекти, како општински згради, згради на централна власт, со приоритет на јавни здравствени установи и јавно осветлување, потоа техничка помош за формирање на Фонд за енергетска ефикасност и трето, почетен капитал за Фондот за енергетска ефикасност.

„Основањето на револвинг Фонд за енергетска ефикасност е клучен предизвик за остварувањето на политиките во Енергетската стратегија. Заштедата на енергија е директно поврзана со намалување на влијанијата врз животната средина и редуцирање на загадувањето на воздухот во поголемите градови. Преку овој проект се очекува да бидат отворени приближно 130 нови „зелени“ работни места“, нагласи министерот Крешник Бектеши.

Според Филипче, „Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор“ ќе значи многу за унапредување на инфраструктурата и на јавно-здравствените установи.

„Со целосно нова инфраструктура, односно енергетски ефикасни покрив, фасада, прозорци, врати и уредување на внатрешноста, ќе се имплементираат во повеќе  здравствени домови и здравствени институции во селата. Целта е да имаме дисперзиран систем во кој поголем број на граѓани ќе добиваат здравствена услуга во осовремени здравствени објекти“, истакна Филипче.

Рокот за отплата на заемот за овој проект е 12 години, со грејс период од 3 години и каматна стапка со шестмесечен еурибор.

„Проектот за унапредување на основното образование“ е во вредност од 21,5 милиони евра и се состои од четири компоненти – подобрување на училишната инфраструктура, развивање на програма за државно тестирање, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и мониторинг и управување на проектот.

„Овој проект ќе обезбеди побрза и поголема достапност на средства за училиштата, повеќе инвестиции, полесно надминување на предизвиците од пандемијата и генерално подигнување на конкурентноста на образовниот систем. Тоа ќе значи создавање на нови генерации од кои, секоја една, ќе биде подобра од претходната“, рече министерката Царовска.

Рокот на отплата на овој заем е 11 години, со грејс период од 3 години и каматна стапка од шестмесечен еурибор.

Изминатите три децении Светска банка финансираше во РСМ проекти во вкупна вредност од над 2,5 милијарди долари.