Фото: Арбнора Мемети Мета.мк

Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Скопје во текот на вчерашниот ден до Министерството за внатрешни работи (МВР) издаде наредба за лишување од слобода на две лица – креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. По наредбата е постапено и лицата се лишени од слобода, информираат од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Од ОЈО истакнуваат дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до МВР. По овие наредби и барања, биле доставени известувања и анализи.

„Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не беше во можност да ги сподели овие податоци со јавноста, иако во текот на целиот период постапуваше и продолжува активно да постапува“, велат од ОЈО.

Инаку, во врска со досегашните пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, и натаму се прават проверки во предистражна постапка, а ако се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности.​

ОЈО ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“ и „сексуално вознемирување“, кои во иднина треба да овозможат поефикасен прогон на овие кривични дела.​​ Овие законски измени веќе ги најави министерот за правда Бојан Маричиќ.

Завчера се одржа протест во врска со случајот „Јавна соба“, на кој граѓаните од пред МВР и Скопското јавно обвинителство побараа од институциите да ги санкционираат сторителите и да се вметне делото „онлајн сексуално вознемирување“ во Законот. На протестот се потенцираше дека законските измени кои се најавуваат се позитивни, но задоцнети и не се неопходни за да се санкционираат сторителите на кривичните дела во „Јавна соба“ бидејќи и според постоечкиот Кривичен законик, овој случај е кривично дело.

Кога минатата година се појави случајот „Јавна соба“, лицето што беше администратор на групата во земјава самиот се пријави во полицијата, каде што кажал дека целта на групата не била размена на порнографски материјали, туку дружење. МВР тогаш најави дека ќе поднесе кривични пријави, имаше апсења, но судско процесуирање на случајот немаше. „Вистиномер“ пред неколку дена објави дека последен пат „Јавна соба 1“ е спомената на 18 февруари 2020 година, по што не можат да се најдат изјави и позначајни активности на МВР.