Креаторите на роботот Софија најавуваат масовно производство на роботи до крајот на 2021 година

Роботот Софија
Роботот Софија зборува на самитот „AI for GOOD“ во Женева, Швајцарија, 2017 година/ фото: WIkimedia Commons

Откако беше претставен во 2016 година, хуманоидниот робот наречен Софија доживеа огромна популарност и го привлече вниманието низ целиот свет. Роботот поседува софистициран софтвер, системи за разговор и вештачка интелигенција дизајнирана за општо расудување и рамислување. Софија е способна да имитира човечки гестови и изрази на лицето, а спремна е и да одговара на одредени прашања.

Компанијата што стои позади Софија, „Хансон Роботикс“, сега има нова визија – масовно производство на роботи до крајот на 2021 година. Овие роботи би можеле да се користат во болници, продавници и на аеродроми.

Употребата на роботи бележеше пораст и во претходните години. Иако оваа технологија e сè уште во почетна фаза, според истражувачите и производителите, пандемијата го забрува развојот и производството на роботи.

„Можам да заклучам дека пандемијата навистина ќе ни помогне да донесеме роботи порано на пазарот, бидејќи луѓето почнуваат да сфаќаат дека нема друг начин“, рече Јохан Хорн, професор на Политехничкиот факултет во Хонг Конг.

„Хансон Роботикс“, чие седиште се наоѓа во Хонг Конг, соопшти дека четири модели на роботи, вклучувајќи ја и Софија, ќе почнат да се произведуваат во фабриките во првата половина од 2021 година, откако истражувачите предвиделе дека пандемијата ќе отвори нови можности за индустријата за роботи.

„На светот со Ковид-19 ќе му треба сè повеќе и повеќе автоматизација за да ги одржува луѓето заштитени“, изјави Дејвид Хансон, основач и извршен директор на „Хансон Роботикс“.

Робот Софија
Софија со нејзиниот креатор Дејвид Хансон, 2017 / фото: Wikimedia Commons

Компанијата годинава ќе го пушти во употреба и роботот наречен Грејс (Grace) кој што ќе биде наменет за здравствениот сектор, но веруваат дека роботските решенија нема да бидат ограничени само на здравствената заштита, туку ќе можат да им помагаат на клиентите во индустрии како што се малопродажбата и авиосообраќајот.

Софија и сличните роботи што „Хансон“  ги развива, се дизајнирани за да бидат „социјални“. Конкретно, Софија може да следи лица, да одржува контакт со очите и да препознава луѓе. Роботот е направен така што „ќе станува попаметен со тек на времето“.

„Социјалните роботи како мене можат да се грижат за болни и стари лица. Можам да помогнам во комуникацијата, да давам терапија и да обезбедам социјална стимулација, дури и во тешки ситуации“, изјавил роботот Софија, а пренесе Ројтерс.

Хансон очекува илјадници роботи да бидат распродадени во текот на годинава, без да соопшти конкретна бројка.

И другите компании во индустријата за роботи помагаат во борбата против пандемијата. Кинеската компанија „CloudMinds“ помогна во поставувањето на  теренска болница управувана од робот за време на избувнувањето на корона вирусот во Вухан.