Краток хорор расказ: „Ливада од Мимози“ – втора награда

фото: Jon Butterworth на Unsplash

Утревечер се празнува „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“, празник кој секоја година се одбележува на 31 октомври. „Ноќта на вештерките“ првенствено се одбележува во западните земји, но во последните неколку години стана глобален тренд кој се забележува и кај нас, особено помеѓу младите.

Вечерта на „Halloween“ се раскажуваат страшни приказни, најмладите се маскираат, а домовите се декорираат со хорор мотиви.

По тој повод, Новинската агенција Мета во соработка со издавачката куќа „Култура“ втора година по ред го распиша Конкурсот за краток хорор расказ на кој можеа да учествуваат млади автори.

На годинашниот конкурс пристигнаа вкупно 21 труд, од кои наградени се три раскази.

Расказите беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Гордана Војнеска – уредничка во „Култура“, Горан Ризаов – главен уредник во Новинската агенција Мета и Гоше Николов – новинар-соработник во Мета.мк.

Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, оригиналноста на приказните, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик. Сите пристигнати трудови жири-комисијата ги оцени како одлични.

Наградените автори ќе добијат ваучери за книги од страна на издавачката куќа „Култура“, кои ќе можат да ги искористат за да ја збогатат својата домашна библиотека со некои од возбудливите наслови во издаваштво на „Култура“.

Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои раскази.

Трите наградени раскази ќе бидат објавени на Мета.мк вечерва, во предвечерието на „Halloween“.

Второнаграден е расказот „Ливада од Мимози“ од авторот Никола Талевски.

Истиот можете да го прочитате во продолжение.

Втора награда:

Ливада од Мимози

автор: Никола Талевски

фото: Andy Li на Unsplash

Надвор е многу ладно. Не сум навикната на снег, а можам да кажам и дека првпат здогледувам волку многу. А, и греењето во автомобилот не сака да тргне. Единствената жешка точка на моето тело се наоѓа крај мојот абдомен, десно, под црниот дроб. Од тука крварам. Ја чувствувам крвта како излегува од мене и се чувствувам семоќно: јас сум вруток.

Положбата на моето тело ме враќа во старите денови кога пробував да го читам преводот на телевизорот наопаку, легната на троседот со главата надолу. Косата ја чистеше прашината од подот, а јас добивав чувство на непотребна еуфорија.

Ете таква сум во моментов, додека мојот автомобил мирува со тркалата нагоре во некоја провалија, под некој мост. Ја слушам брзата помош како вришти точно над мене.

Не се сеќавам како ме извлекле од таму. Не се сеќавам како ме внеле во комбето ниту како стигнав до болницава, но сега сум тука и тоа е најважно. Уште видот не ми беше стабилизиран кога над мене се појави медицинска сестра со маска преку устата:

– Конечно се разбуди – рече таа.

Ужасна болка ми пулсираше во главата. Едвај се концентрирав на зборовите.

– Знаеш што ти се случи? – ме праша додека ми ги проверуваше зениците.

– Те најдовме под мостот – пред да излезе од собата, го заприметив нејзиното име напишано на картичката што ја носеше на себе: Мимоза.

Собата беше обична болничка соба – имаше два кревета, од кои едниот беше празен, а на другиот бев јас. Сини ѕидови и два прозора. Три столици и две наткасни. На едната стоеше банана, сигурно од вечерата која сум ја преспала, додека пак на една од столиците беа здиплени моите алишта.

Нешто ме стресе. Како во мене да дуваат триста ветрови. Но, прозорецот беше затворен. Се покрив со ќебето и повторно заспав.

Ме разбуди ужасниот притисок веднаш под стомакот. Станав, односно пробав да станам, но не успеав. Седев на крајот од креветот и повторно се обидов кога Мимоза влезе во собата.

– Полека, не можеш сама – извика и ме фати под рака.

Одевме бавно низ собата и потоа излеговме во ходникот. Типична болница: бели ѕидови и мирис на бром. Сигурно беше доцна, бидејќи во ходникот немаше никој освен нас. Ме однесе во тоалетот и причека пред вратата. Jа кренав ноќницата и седнав на школката. Големиот фластер што се наоѓаше под мојот црн дроб беше цврсто залепен за мене. Не ме болеше… многу. Не ме болеше многу.

Излегов од тоалетот и не можев никаде да ја здогледам Мимоза, па полека се довлечкав до мојата соба. Односно до она што мислев дека е мојата соба. Собата со број 203, од каде што бев убедена дека излегов, беше заклучена. И собата 204. И собата 205. Почна да ме фаќа паника и ѕидовите почнаа да се вртат кога од зад мене ме допре една рака:

– Па нели ти реков да ме почекаш! – Мимоза ме крена од подот и ме внесе во собата со број 203.

Чудно. Пред малку беше заклучена.

Нејсе, сигурно ми е од морфиумот. Но, собата изгледаше поразлично. Сигурна бев во тоа. Не можев да определам за што станува збор. Креветот беше како што го оставив, парното беше вклучено и сè уште беше ладно, бананата стоеше на наткасната и моите алишта беа на столицата. Што беше тоа што ја правеше оваа соба да не е мојата соба?

Ѕидовите. Ѕидовите беа жолти. Можеби лекарствата ми го поматуваа умот, но, не мислам дека ми ја пореметуваат способноста за распознавање на боите. Сигурна сум дека ѕидовите претходно беа сини.

Не можам да заспијам. Не знам колку време помина. Надвор уште не се разденуваше. Се прашувам дали веќе ги известиле моите. Никој ништо не ми кажува. Сè уште немаше трага од муграта.

Се приближив кон прозорецот и се вклучи некаков аларм. Пред две сестри да ги зграпчаат моите раце успеав да погледнам низ него: надвор немаше ништо. Ништо. Како да пловиме во вселената со џиновска болница. Се испулив на левата страна и ја здогледав Мимоза како со бес во очите ме тегне за раката. Од десната страна беше… Мимоза? Повторно Мимоза? Две Мимози ме влечеа за рацете. Обично не сум параноична личност, но овој пат знаев дека нешто се случува. Не може ова да ми е од лековите. Не, јас морам да бегам.

Се излизгав од ноќницата врз која беа забодени ноктите од Мимозите и гола се затрчав кон вратата. Влегов во празниот лифт и го притиснав копчето за приземје. Чудно, очекував дека некој ќе ме следи. Лифтот полека се затвори. Го почувствував неговото придвижување. Не помина долго време кога вратата се отвори. Излегов низ неа со рацете преку моите гради и повторно се стресов од ветрот кој изгледа беше константна единка во оваа зграда.

Но, ова не личеше на приземјето. Се придвижив низ спратот и тогаш ја здогледав: соба број 203.

Не е можно да сум пак на истиот кат. Тогаш се свртев и ја здогледав толпата од медицински сестри како стојат и се смешкаат. Знаев дека се смешкаат иако носеа маски преку устите. Нивните очи ги издаваа. И секоја една од нив беше иста со таа до нејзе. На градите го носеа единственото име кое не бев спремна повторно да го здогледам: Мимоза.

Се затрчав кон излезот и овој пат почнав да слегувам по скалите. Тие застанаа на врвот и се смешкаа. Гледав зад мене и за миг ќе удрев во некој човек кога слегов на долниот кат. Не. Не. Не. Ова не е возможно. Не е возможно повторно да сум на вториот кат. Каков лавиринт е ова? Почнав да се враќам по скалите и се најдов на истото место. Секогаш се наоѓав на истото место.

Те молам Господе, дај ми излез.

Тогаш го здогледав хируршкиот скалпел како лежи една скала подолу од мене. Го зедов и го наместив на левата страна од мојот врат, додека гледав во ливада од Мимози. Нежно ја раскинав мојата кожа, но немаше никаква трага од крв. Тогаш слушнав една од нив:

– Немој да бидеш апсурдна. Никој не може да умре по втор пат.