Имајќи ја предвид улогата на новинарите во известувањето за корона вирусот, здруженијата постојано апелираат на професионалност во известувањето, без сензационализам и ширење на паника.

„Окно.мк“ објави кратки корисни совети за известувањето.

Гради ја секоја нова сторија како твојата публика да нема видено ништо од твоето претходно известување. Ова значи да не се претпоставува дека „тоа сигурно веќе го знаат“ или „тоа сигурно веќе го слушнале“. Не. Секој прилог и текст треба да се пишуваат без какви било претпоставки од овој вид – односно од почеток, како да е прв. Не се плашете дека ќе повторите нешто или дека ќе бидете малку подолги. Во времиња на брз развој на настаните гледачите, слушатели, читателите се благодарни ако имаат што повеќе информации. Оние што објавуваат онлајн секако може да „засилат“ на сајдбарови, линкови, боксови и слични алатки што им стојат на располагање за дообјаснување, за дефиниции, за претходни текстови и слично.

Создади „речник“ за твојата публика и потсетувај на него на самиот почеток и често во текот на текстот. Ова значи да се дефинираат неколку важни зборови и да се користат тие дефиниции при секое нивно прво спомнување во текстот, и да се потсетува на нив, односно да се навраќаш на овие термини одвреме-навреме и во текот на текстот. Не земајте здраво за готово дека публиката „веќе знае“. Оние со онлајн известување може да креираат посебен оддел за дефиниции на одредени зборови и термини. „Асошиејтед прес“ изработи краток тематски дел со дефиниции поврзани со коронавирусот.

Пишувај ги насловите како тие да се единственото нешто што некој ќе го прочита. Многу е реално да очекувате дека некој од публиката ќе го слушне, види и прочита само насловот. Ова значи дека насловот не треба да биде мамка, нецелосен, полувистинит и слично. Спротивно, насловот треба да биде целосен, точен, јасен, недвосмислен, односно напишан така што ако некој го прочита само насловот – сепак да биде целосно и точно информиран. Оттука, како и текстот, многу е важно и насловите (најавите, форшпанот) да се напишани за секој еден гледач, читател или слушател. Ова значи да бидат јасни и разбирливи и да не претпоставуваат одредени предзнаења, прединформириност и сл. Тие исто така не смеат да бидат наменети само за одреден сегмент од публиката.

Избегнувај живото-спасувачки мамки во насловите на текстовите. Ова е многу важно да се следи во услови на пандемии. Здравјето и животот се најбитното нешто на што мислат луѓето во вакви услови и оттука не треба „да се игра на таа карта“ кога се пишуваат насловите, особено што тоа може да биде единственото што луѓето ќе го прочитаат, слушнат и видат од информацијата, без да обрнат внимание на важниот контекстот што следи.

Прочитајте го насловот уште еднаш за да проверите да не наведува на погрешни заклучоци. Иако можеби ќе ви изгледа перфектно напишан, сепак, пред да го објавите, проверете ги уште еднаш насловот, најавата, форшпанот да не е двосмислен, нејасен и да не остава случајно простор за погрешни заклучоци.

Избирајте такви фотографии и илустрации како гледачите и читателите да нема да можат да ја прочитаат и легендата, односно придружниот текст. Овде е важно фотографиите и илустрациите да бидат крупни, јасни, недвосмислени и да немаат важно дообјаснување напишано со букви. Луѓето во вакви услови сакаат брзо, лесно и јасно информирање и често поради загриженост, дури и паника, може да не се способни за дообјаснувања или детали од ваков вид. Исто така, имајте предвид дека многу луѓе се информираат преку своите мобилни телефони и често нема да можат да обрнат внимание или да ги прочитаат ситните делови. Исто така, избегнувајте генерички, општи фотографии кои можат да создадат погрешни асоцијации, како на пример луѓе со маски, бидејќи маските не штитат од вирусот, а можат да наметнат мислење дека се доволна заштита. Секако, освен во контекст во којшто треба да се покажат луѓе со маски.

Избегнувајте зборови кои превентивните мерки ќе ги направат засновани врз страв. Најмалку што треба да има во вашето информирање се информации, тези, контексти засновани врз страв или нерационални работи. На пример, наместо „Затворени поради коронавирусот“ може да се рече „Затворени поради спречување на ширење на коронавирусот“. Разликата е мала, но значењето е големо.