Обединетото Кралство и Германија се подготвени да ја „заштитат Европа“ од заканата од понатамошна руска агресија, порача британскиот кралот Чарлс, кој беше домаќин на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер за време на државна посета.
Зборувајќи на државниот банкет во чест на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кралот го пофали заедничкиот одбранбен договор меѓу двете земји.
Ова е прва државна посета на германскиот лидер на Велика Британија по 27 години, а околу 160 гости присуствуваа на банкетот во салата „Сент Џорџ“ во Виндзор.
Штајнмаер, кој на вечерата седеше до принцезата од Велс, порача дека Обединетото Кралство и Германија работат на обновување на врските „ослабени од Брегзит“, и го пофали Кензингтонскиот договор. Тој порача дека двете земји заедно работат „за слободна и мирна Европа“ и за поддршка на Украина, објави Гардијан.
Претходно германскиот претседател беше пречекан со воени почести, 41 топовски салут и свечено подигнато кралско знаме на замокот Виндзор. Заедно со кралот Чарлс и кралицата Камила, тој и сопругата Елке Буденбендер се возеа со кочија низ Виндзор, што го означи почетокот на тридневната посета.
Штајнмаер оцени дека односите меѓу Лондон и Берлин се „во многу подобра состојба“ отколку во тешкиот пост-Брегзит период, а британскиот премиер Киер Стармер нагласи дека државите „многу блиску соработуваат“ по прашањата за Украина, миграцијата, економскиот раст и трговијата
