Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас денеска ја започнува мини балканската турнеја, а во четврток, 12 април, во Охрид ќе се сретне со неговиот македонски колега Никола Димитров.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, патувањето на Коѕиас, засега, официјално не е соопштено од грчкото МНР, но според информациите во медиумите, министерот за надворешни работи на Грција ќе има средби во Белград, во Охрид  и Приштина, по што ќе се врати во Атина.

Грчките медиуми коментираат дека најкритичната средба од сите, е онаа со Димитров во Охрид. Токму затоа, новинарите во Грција во извештаите акцентот го ставаат на новата, трета по ред средба за 20 дена на шефовите на македонската и грчката дипломатија.