Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, говореше за македонско-грчкиот спор и упати критика на сметка на македонската влада во Иран. Грчкиот министер за надворешни работи, на говорот на Универзитетот во Техеран викендов, за грчката надворешна политика издвои подолго време за да го претстави спорот за името како посебен проблем за Грција, посочувајќи дека една од причините поради која не може да се најде решение е иредентизмот на македонските политичари.

– Дадовме интересен предлог за начинот и за процесот за решавање на спорот за името. Клучно е да е надмине иредентизмот и шовинистичките планови – истакна Коѕиас.

Според него, Македонија е специфичен проблем на Балканот поради иредентизмот на власта во државата.

– На Балканот имаме специфичен проблем, проблемот со БЈРМ. Една држава на две заедници, Албанците и Словените, кои сакаат да се самонарекуваат и се сметаат за Македонци. Словени кои изразуваат анахрон и нелегитимен иредентизам кон Грција, историски и географски – посочи Коѕиас во говорот во Техеран.

Тој истакна дека Грција е пријателска и мирољубива држава, која сака да ризикува и во добри и во тешки моменти за да се избори за правата на луѓето преку следење на меѓународното право. Остро го критикуваше претседателот Ѓорѓе Иванов дека тој и одредени политички фактори не покажуваат почитување на основните човекови права, правните принципи, ниту, пак, културата на компромис. Според Коѕиас, вината за ваквото однесување и заборавањето да се почитуваат основни принципи, лежи и кај политичките фактори од западните држави, кои, наводно, ја имаат разгалено Македонија, префрлајќи го товарот за решавање на проблемите кај нејзините соседи.

– Ова ја отежнува способноста на владата на оваа држава да прави компромис и умерено да владее – истакна Коѕиас.

По острата критика, грчкиот шеф на дипломатијата додаде дека Грција, сепак, работи во насока Македонија да живее во мир и во стабилност, поради што со македонската влада се работи на спроведување мерки за градење доверба.