Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, смета дека ЕУ ја има разгалено Македонија, ја нема научено на култура на компромиси и поради тоа е заглавена во актуелната политичка криза. Начинот на кој ЕУ се однесувала кон Македонија, убедувајќи ја дека нема да мора да прави компромиси со Грција и со албанскиот фактор бидејќи ќе се изврши притисок врз Атина, според Коѕиас е причината поради која македонската влада нема правилна политичка култура и разбирање на потребата за компромисни решенија. Коѕиас го изјави ова за странските дописници во Брисел, по вчерашниот состанок на ниво на министри за надворешни работи на ЕУ, на кој стана збор и за Македонија.

Коѕиас истакна дека случувањата и инцидентите во Македонија предизвикуваат загриженост во ЕУ дека целата ситуација би можела да предизвика дестабилизација на Западен Балкан. Според него, сепак, вината не треба да се бара во фактот што Грција во 2007-2008 година не дозволила почеток на преговорите за Македонија со ЕУ.

– Посочив дека не треба да се поврзува датумот кога се прикажани скандалите со датумот кога почнуваат. Веќе е докажано дека телефонските прислушувања и недемократските мерки во БЈРМ почнале во 2007 година – вели Коѕиас.

Тој на состанокот на европските шефови на дипломатиите подвлекол дека за случувањата во Македонија се виновни не Грција, туку голем број држави-членки на ЕУ, кои според политиката што ја воделе кон Скопје, ја убедиле македонската влада дека е лесно да се притисне Грција за да се сменат нејзините позиции и политики и поради ова нема да мора да се следи европската култура на следење на европските закони, правила и на културата на компромиси за решавање на проблемите.

– Кога со години ѝ велат на владата во соседната држава дека нема потреба да прави компромис бидејќи ќе се притисне Грција, тогаш надворешната политика на владата на БЈРМ се учи дека не се потребни компромиси. Кога постојано ја учат државата – и покрај грчките конструктивни интервенции последните 15 години – дека нема да мора да направи компромис со албанскиот фактор бидејќи меѓународната јавност ќе ги притисне албанските партии, јасно е дека лидерот на овој тим ќе заклучи дека не треба да прави компромиси ни со нивната опозиција. Недостигот од политичка култура и од почит кон владеењето на правото покажува дека некои ги имаат разгалено – истакна Коѕиас.

Шефот на грчката дипломатија на состанокот изложил уште една теза, односно дека Македонија добива поддршка од одредени групи држави-членки на ЕУ, кои соработуваат меѓу себе, но во кои воопшто не се вкличени трите држави-членки кои се од Балканот односно Грција, Романија и Бугарија. Според него, ова однесување не е во согласност со основните принципи на ЕУ, работите кои ги предвидува и гарантира и со планот кој е договорен во рамки на Уставот на ЕУ.

За потсетување, Коѕиас најави дека планира трилатерална средба Грција – Бугарија – Романија за да се воспостави нова европска група и сила, која ќе има единствен, гласен и влијателен став во ЕУ во врска со прашањата и со напредокот на Западен Балкан.