fbpx

Коѕиас бара Германија да нè притисне за компромисно име

-

Спорот за името се најде на агендата на разговорите на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, и на неговиот германски колега, Франк Волтер Штајнмајер. На вчерашната средба во Берлин, според весникот „Катимерини“, Коѕиас го споменал спорот за името и проблемот со Македонија. Коѕиас, наводно, апелирал до германската страна да реагира и да влијае на македонската страна за македонската влада да прифати компромисно решение.

Според „Катимерини“, Коѕиас планира голем дел од средбите со странските колеги да ги искористи за да издејствува поинаков пристап од ЕУ и од САД кон прашањата што ја засегаат грчката политика, како грчко-турските проблеми и ситуацијата на Балканот, односно поголемо разбирање и прифаќање на грчките позиции. Анализата на весникот укажува дека грчките дипломати сметаат дека средбите во Берлин и денешните средби во Москва може да бидат корисни за да се издејствува поголемо разбирање за грчките барања.

„Германија веќе е вмешана во разговорите и во преговорите што се одвиват на Балканот, интервенирајќи, водејќи и притискајќи ги Србија и Косово. Важна е и вмешаноста на Берлин во спорот за името, особено преку Самитот на државите од Западен Балкан, бидејќи го има поставено решавањето на спорот за името како параметар за стабилноста во регионот и полека ја интензивира вмешаноста во решавањето на ова прашање“, пишува „Катимерини“, анализирајќи ги логиката и потезите на грчкото Министерство за надворешни работи под палката на Коѕиас.

Весникот додава дека грчката влада смета дека не смее да отсуствува од разговорите за случувањата на Балканот, поради што наскоро може да се очекуваат иницијативи за дијалог со балканските лидери. Сепак, што се однесува до спорот за името, грчката влада не планира да отстапи од долгогодишните црвени линии за сложено име со географска одредница, за севкупна употреба.

За потсетување, Грција лани, за време на владата на Нова демократија и на ПАСОК, покажуваше вознемираност од германските засилени обиди и средби во врска со спорот за името, како Самитот на држави од Западен Балкан и средбата на канцеларката Ангела Меркел со посредникот во спорот за името Метју Нимиц. Грчките медиуми тогаш најавуваа интензивирани германски притисоци врз Грција за да се издејствува грчка отстапка за побргу решавање на спорот за името.

Сепак, спорот за името не предизвика толку голем интерес на средбата Коѕиас-Штајнмајер, колку што предизвикаа грчките барања за Германија да исплати воени репарации за штетите направени за време на Втората светска војна. Темата била покрената на разговорот, а се појави и како расправа меѓу двајцата министри за време на изјавите пред медиумите. Штајнмајер остро ги отфрли грчките барања, со забелешка дека сите правни прашања поврзани со тој период се затворени и решени.

Од Берлин, Коѕиас денеска замина за Москва, каде напладне ќе има средба со неговиот руски колега, Сергеј Лавров.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...