Во земјава имаме вкупно 36 домови и интернати, а поради ковид-19 пандемијата во изминатава учебна година во нив биле сместени за 34,5 отсто помалку студенти и ученици во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Според податоците, во 2020/2021 година, вкупниот број на ученици и на студенти сместени во домовите за ученици во основното и во средното образование и во студентските домови изнесувал 3.754. Во домовите за ученици што посетуваат средни верски училишта биле сместени 184 ученици.
Со годишните извештаи се опфатени 36 домови: домовите за ученици во основните училишта, домовите за ученици во средните училишта, домовите за ученици во средните верски училишта и студентските домови.
Како и во минатите години, и во изминатава учебна година најголем дел од домовите и интернатите биле користени за сместување на студенти – вкупно 2.450, како и 1.230 ученици од средните училишта. Во домовите и интернатите во учебната 2020/2021 година биле сместени само 74 ученици од основните училишта.
Инаку, Државниот студенски дом (ДСД) во септември лани соопшти дека студентските и средношколските домови ќе се отворат во земјава, но ќе работат по посебни протоколи и ќе има редуциран број станари во собите. Според тогашните мерки за заштита од ковид-19, во двокреветна соба можеше да биде сместено само едно лице, а во соба со повеќе од два кревета, максимум две лица.