Фото: Град Скопје

Во 2020 година со градско-приградскиот превоз во Северна Македонија биле превезени само 40.523.000 патници, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Станува збор за историски најнизок број на превезени патници со јавниот превоз низ општините во земјава, а што првенствено е резултат на ковид пандемијатаФотро.

Споредено со 2019 година, бројот на патници во градско-приградскиот превоз на национално ниво е намален за над 31 милиони патници, земајќи го предвид фактот дека во годината пред пандемијата со јавен превоз биле превезени 72.040.000 патници.

Во 2020 година, со градски превоз патувале 22.781.000 патници, додека приградскиот превоз го користеле 17.742.000 граѓани.

Главен удел во намалувањето на бројот на патници во јавниот превоз има Скопје, каде со автобусите на ЈСП-Скопје и приватните превозници во 2020 година биле превезени околу 27,7 милиони патници или за 30 милиони патници помалку од 2019 година. Идентично како и во главниот град, мерките за ограничување на капацитетот во автобусите, долгите полициски часови минатата пролет, учењето од дома на учениците и студентите, како и стравот од заразување што беше присутен кај граѓаните, предизвикаа автобусите од градско-приградските линии и во другите македонски градови лани да возат полупразни.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека намаленото користење на јавниот превоз може да предизвика трајно губење на дел од патниците во јавниот превоз и по завршувањето на ковид пандемијата, бидејќи некои граѓани кои мораа да патуваат и за време на ковид кризата, стекнаа нови транспортни навики (споделен превоз, возење велосипед, набавка на автомобил, пешачење итн).

Оттука, општинските власти треба да размислуваат како да ги поттикнат граѓаните да се вратат на старите навики, кои подразбираат што поголем број од своите патувања да ги прават со градско-приградските автобуси.

Единствена позитивна најава за годинава доаѓа од Тетово и Битола. Јавниот превоз во Тетово треба да профункционира следниот месец откако беа набавени пет нови градски автобуси и беше формирано јавно претпријатие за оваа намена. Инаку, месецов и Општина Битола се одлучи да формира заедничко јавно претпријатие за превоз на патници заедно со општините Могила и Новаци, со кои ќе се врши поквалитетен приградски превоз преку набавката на четири минибуси што треба да пристигнат пролетва и наесен.