Фото: Jason Leung на Unsplash

Губењето на работните места и намалувањето на платите како резултат на економската криза што ја предизвика пандемијата на корона вирусот на глобално ниво, предизвика намалување на дознаките од странство, пари кои иселениците ги праќаат на своите семејства. Со парите кои на своите семејства им ги испраќаат работниците во странство, државата, главно го „покрива“ трговскиот дефицит во размената со странство.

Во просек, во изминатите 5-6 години вкупните приватни трансфери во земјава изнесуваа 15 отсто од БДП. Народната банка на Република Северна Македонија очекува, поради корона кризата, падот на дознаките, како процент од БДП, и на оние што стигнуваат преку банките, и на тие како готовина, годинава да изнесува 2,8 отсто.

„Со оглед нa специфичноста на глобалниот шок, очекувано е тековите на дознаките да се намалат. Оваа криза, речиси без исклучок, синхронизирано ги погодува сите земји и може значајно да делува врз пазарите на труд, односно намалување на платите и на вработеноста, и да ги влоши идните очекувања. Тоа влијае врз расположивиот доход и врз потенцијалот за праќање на дел од доходот во матичните земји, во форма на дознаки. Често, иселениците од земјите во развој се вклучени на пазарите на труд во сектори што се поранливи, па оттаму и веројатноста побрзо да бидат погодени од кризата“, велат за Мета од НБРСМ.

Оттаму додаваат дека во макроекономските проекции на НБРСМ, дознаките се еден од каналите преку кој се очекува кризата да се пренесе врз домашната економија. Затоа е направена надолна корекција на суфицитот и се очекува намалување на дознаките за 2,8 процентни поени од БДП на годишна основа.

„Ова е вградено и кај дознаките што се праќаат преку формалните банкарски канали, но и кај готовинските нето девизни приливи. Наша специфика е тоа што поголем дел од вкупните дознаки се носат-праќаат во готовинска форма. Со оглед на рестрикциите во движењето и затворањето на границите, очекувано е и оваа компонента да се намали, се додека не дојде до постепено релаксирање на ограничувањата. Позитивен ризик кој не е вграден во ова сценарио е можноста, сепак, дел од иселениците, во овие околности да го сменат своето однесување, односно да се пренасочат кон современите начини на пренос на готовината. Тоа секако ќе има поволен ефект врз текот кај дознаките, во однос на очекувањата во проекциите“, посочуваат од НБРМ.

Според најновите податоци на НБРМ, во првите три месеци од годинава вкупната вредност на дознаките изнесува 45,6 милиони евра. Или, во јануари влегле 13,4 милиони евра, во февруари 14,5 милиони евра, а во март 17,64 милиони евра. Истовремено, одливот на девизи во јануари бил 1,37 милини евра, во фавруари 1,36 милиони евра а во март 1,69 милиони евра, или вкупно, 4,4 милиони евра.Приливот на дознаките од странство во првите три месеци од 2020 година е малку поголем од оној во истиот период лани, кој изнесувал 43,3 милиони евра. Во 2019 година, вкупниот прилив на дознаките изнесувал 195,6 милиони евра.

Економски експерти велат дека приватните трансфери од странство се значаен извор за девизните резерви, како оние од банкарските трансакции, така и од менувачниците, кои на крајот завршуваат во НБРСМ.

„Логично е да се намалат девизните дознаки во состојба на криза од ковид-19, и огромна е неизвесноста колку ќе изнесува тој пад. Тешко е да се прогнозира, сè додека не станат проодни границите. Сите се чувствуваат несигурни за сопствената економска иднина, и ние дома и тие во странство. Не верувам дека ќе дојде до нарушување на монетарните текови, затоа што и без дознаките, стабилни се девизните резерви и курсот на денарот. Најголемиот удар од намалувањето на дознаките најмногу ќе се почуствува во трговијата, со тоа што ќе се праќаат помалку пари на семејствата, ќе се намали и личната потрошувачка. Клучното прашање е колку ќе трае оваа состојба. Колку подолг, толку ќе бидат поголеми економските последици“, изјави за Мета економски експерт кој сакаше да остане анонимен.

Според професорот Александар Стојков, моменталната ситуација на макроекономски план не е драматична и таква ќе биде до крајот на годината, затоа што евентуалниот финансиски јаз е целосно затворен со еврообврзницата од 800 милиони евра.

„Проекциите на ММФ се дека падот на дознаките на годишно ниво во Македонија ќе изнесува 6 проценти, или околу 103 милиони евра. Според мои видувања, ќе биде поголем. Затоа што постојано расте бројот на наши работници во странство, пред се сезонски, кои поради пандемијата се вратија назад во Македонија и останаа без работа. Тоа директно ги погоди нивните семејства кои тука живеееја со парите што тие им ги испраќаа, што значи ќе дојде до намалување на домашната потрошувачка. Сепак, и падот на дознаките, без оглед колкав ќе биде, е компензиран со еврообврзницата, така што нема опасност тој да влијае врз нивото на девизните резерви годинава“, изјави професорот Стојков за Мета.

Според оценките на Светска банка во последниот извештај за земјите од Западен Балкан, дознаките се значаен извор на приход за земјите во развој, а економската рецесија предизвикана од ковид-19 ја намали сериозно можноста на граѓаните за испраќање пари дома. Годинава дознаките ќе паднат за 20 отсто на глобално ниво, што е најголемо намалување во последните децении. За споредба, во 2009 година, во времето на глобалната финансиска криза, дознаките на светско ниво паднаа за 5 проценти.