Ковид центрите во Скопје проширени со 43 нови кревети, отворен ковид центарот на очната Клиника и проширен одделот во ГОБ „8 Септември“

Фото: Арбнора Мемети

Од утрово ковид одделенијата во Скопје се проширени за дополнителни 43 кревети кои се ставени во функција на пациентите суспектни и потврдени за ковид-19, информира Министерството за здравство.

„Од 8 часот започна да работи ковид оддлелението на Клиниката за очни болести со капацитет од 23 кревети, а ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ е проширен за 20 нови места. Таму капацитетот, од досегашните 80, се зголемува на 100 болнички кревети“, соопштија од ова министерство.

Додаваат дека ковид центарот на Клиниката за Очни болести е во склоп на Интерните клиники и во него ќе работи кадар од овие клиники, составен од инфектолози, интернисти и анестезиолози, како и среден медицински персонал. Клиниката е опремена со довод на гасови и може да ги згрижи сите болни кои имаат потреба од кислородна терпија. Се очекува во најскоро време да се пушти и ковид центарот на Клиниката за уво нос и грло, каде би се згрижле дополнителен број болни.