Фото: Арбнора Мемети

Медицински персонал од Воено медицинскиот центар, составен од дванаесет лекари и дваесет медицински сестри од денеска се вклучува во работа на интерните клиники при Клиничкиот центар во Скопје, каде има неколку ковид оддели, информираат од Министерството за здравство.

„Оваа бројка на медицински персонал е голема поддршка земајќи предвид дека сите специјалисти од интерната медицина и инфектолози од почетокот на кризата се посветени на ковид пациенти. Медицинските екипи кои доаѓаат од Армијата на почетокот ќе бидат распоредени во тријажниот центар на Интерно, каде ќе вршат прием на пациенти во ковид одделенијата“, се вели во соопштението на ова министерство.

Инаку, според вчерашните податоци на ова министерство, на Клиниката за инфективни болести биле хоспитализирани 155 пациенти, додека во ковид центарот на Кожната клиника се лекуваат 20 пациенти. На Клиниката за неврологија има 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 42 пациенти со симптоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 23 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти, а на Клиниката за очни болести се хоспитализирани 12 пациенти. Во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 16 пациенти.

По прогласување на кризната состојба, освен со медицински персонал, Армијата како невооружена сила е поддршка на полицијата во ковид центрите низ државата. Во петокот преку Министерството за одбрана, на Министерството за здравство, му предаде 10. 000 брзи тестови, донација од Кралството Норвешка, а на почетокот од месецот Армијата даде на користење и 5 амбулантни возила како поддршка при справување со последиците од пандемијата на корона вирусот.