Фото: Бојан Блажевски

Ковид-19 пандемијата продолжува да предизвикува финансиски штети и намалување на обемот на работа на транспортот во земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, во превозот на патници забележано е значително намалување на нивниот број во првите три месеци од 2021 година. Бројот на превезени патници во патниот патнички превоз изнесувал 580.000, во градско-приградскиот превоз 8.562.000, во железничкиот превоз 59.000 и во воздухопловниот превоз околу 154.000.

Споредено со првиот квартал од 2020 година, во патниот транспорт е забележано позабележително процентуално намалување на бројот на превезени патници во периодот јануари-март 2021 година, и тоа од 37 отсто во железничкиот до 64 отсто во авиосообраќајот.

Во товарниот сообраќај, во првото тримесечје од 2021 година, во споредба со првото тримесечје од 2020 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е намалено за 17,8 отсто, во железничкиот превоз обемот на превоз е зголемен за 4,3 отсто, додека во воздухопловниот превоз има зголемување за 2,6 отсто.

Со камиони, во првите три месеци од годинава биле превезени 12.084.000 тони стока, со вклучен транзит низ земјава и каботажа. Железничкиот превоз во идентичниот период успеал да превезе 460.000 тони стока, вклучувајќи го и транзитот. Со воздухопловен транспорт биле превезени 568 тони стока.