Ковид-19 пандемијата се стиши, бесплатните билети за воз за студенти и ученици останаа укинати

Некогашниот воз „Хелас експрес“ којшто сообраќаше меѓу Солун, Скопје и Белград; Фото: Бојан Блажевски

Бесплатните железнички билети за млади до 27 години, студенти и средношколци остануваат укинати. Поради ковид-19 пандемијата и наголемувачкиот број на заболени лица, Владата на РСМ лани одлучи од 19 март 2020 година времено да ги стави во мирување поволностите за бесплатно патување со воз за младите лица, во насока на спречување на ширењето на корона вирусот во земјава.

По повеќе од една година и четири месеци, бесплатните железнички билети во земјава сè уште се укинати, иако бројот на активни случаи на заболени лица од ковид-19 е драстично намален. „Мета.мк“ постави прашање до Министерството за транспорт и врски кога повторно ќе стапат на сила бесплатните железнички билети за патничките возови, но конкретен датум не добивме.

Во однос на поволностите за патување, од Министерството велат дека министерот Благој Бочварски остварил работна средба со претставници на студентските здруженија во земјава, на која се дискутирало за повторното воспоставување на бесплатните билети. Сепак, конечната одлука околу датумот за нивно стапување на сила ќе треба да се донесе на владина седница.

Пред ковид-19 пандемијата, сите млади лица до 27 години имаа право на користење на бесплатни железнички билети за патување со патничките возови на било која дестинација, и тоа секој прв и трет викенд во месецот. Дополнително, студентите имаа право на бесплатно патување со воз секој четврток, додека учениците од средните училишта во земјава можеа бесплатно да патуваат со воз секоја среда. Ваквата поволност за патување со воз важеше и за старите лица, кои секој втор и четврти викенд во месецот можеа бесплатно да патуваат со воз.

Да потсетиме, во државниот буџет за годинава предвидени се средства во висина од 6,5 милиони евра за покривање на загубите во патничкиот железнички сообраќај на Железници на РСМ-Транспорт, односно за реализација на јавниот интерес – железнички превоз на патници, со што државата ги субвенционира бесплатните билети за воз.

Инаку, по неколкумесечен прекин, бесплатниот превоз за студенти во скопскиот јавен превоз беше вратен уште минатото лето, додека средношколците се возеа бесплатно во градските автобуси на ЈСП и приватните превозници од 1 септември 2020 година до крајот на изминатава учебна година.