fbpx

Ковид-19 може да го одложи донесувањето на подзаконските акти за енергетска ефикасност

-

По донесувањето на Законот за енергетска ефикасност во февруари годинава, државава се соочува со предизвикот за почитување на законските рокови за донесување на сите подзаконски акти за енергетска ефикасност во услови на пандемија на корона вирусот. Правилниците и тарифниците се поделени во три пакети, кои треба да овозможат практична имплементација на мерките за енергетска ефикасност во наредниот период и истите се поделени во три пакети што треба да се донесат во рок од 3, 6 и 9 месеци по усвојувањето на Законот.

Од Министерството за економија за „Мета.мк“ велат дека непредвидливата ситуација со Ковид-19 и воведената вонредна состојба можно е да доведат до извесно задоцнување кај подзаконските акти кои треба да се донесат во рок од 3 месеци од влегувањето во сила на Законот за енергетска ефикасност.

– За истите треба да се одржи јавна расправа и да се обезбедат мислења од засегнатите страни – велат од Министерството за економија.

Во меѓувреме, ова министерство обезбедило техничка помош за изработка на пакетот подзаконски акти во делот на згради преку Европската банка за обнова и развој во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан (РЕЕП Плус). Двата најзначајни правилника што ќе се изготват во овие рамки се Правилникот за енергетска контрола на згради и Правилникот за енергетски карактеристики на згради, кои се директно поврзани со имплементацијата на инвестициите во намалување на потрошувачката на енергија кај постојните и кај новоизградените објекти.

– Со оглед на тоа што пакетот за згради вклучува 6 подзаконски акти и истиот е од особено значење за повеќе сектори во економијата, очекуваме финални верзии во ноември 2020 година, со цел да се остави простор за спроведување на јавна расправа и одржување на поединечни состаноци со релевантните чинители – информираат од ова министерство.

Средувањето на подзаконските акти за енергетска ефикасност е еден од предусловите за отпочнување со реализација на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, којшто ќе „тежи“ 64 милиони долари. Од нив, 25 милиони евра ќе бидат обезбедени преку заем од Светска банка, 10 милиони долари се очекуваат како неповратни средства од Зелениот климатски фонд и 3 милиони евра преку грант од Европската Унија.

Најновата „Стратегија за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година“ укажува дека на земјава до 2040 година ќе ѝ бидат неопходни минимум 1,5 милијарди евра само за реконструкција на постојните станбени, комерцијални и јавни објекти. Од нив, најмалку 105 милиони евра ќе бидат потребни во наредните две децении за да се инвестира во енергетски ефикасни фасади, нови прозорци, врати и кровови кај објектите од јавниот сектор.

За поддршка на инвестициите ќе биде неопходно формирање и на национален Фонд за енергетска ефикасност, којшто во земјите-членки на ЕУ обезбедува финансии за поддршка на домаќинствата и компаниите во при имплементација на мерки со кои се намалува потрошувачката на енергија во објектите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...