Kamen most lugje Ibni Pajko
Фото: Арбнора Мемети

Огромни финансиски штети претрпел туристичкиот сектор во земјава како последица на ковид-19 пандемијата. Во 2020 година, бројот на туристи се намалил на 467.514, наспроти регистрираните 1.184.963 домашни и странски туристи што ја посетиле Македонија во 2019 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Најголемо е намалувањето кај странските туристи, па така македонските туристички центри лани ги посетиле 118.206 гости од странство, кои оствариле скромни 252.930 ноќевања. Една година претходно, во земјава имало 757.593 странски посетители кои минале 1.577.771 ноќевање.

Како последица на ваучерите за туризам што ги додели владата и поради затворените граници за патување, бројот на домашни туристи во 2020 година бил намален, но не толку драстично како кај странските гости. Во 2020 година се регистрирани 349.308 домашни туристи, односно за 18,3 отсто помалку во споредба со претходната година. Бројот на ноќевања на гостите од земјава изнесувал 1.444.605, при што тој бил за 14,2 отсто помал во однос на 2019 година.

Инаку, вкупниот број на реализирани ноќевања на домашните и странските туристи во 2020 година изнесува 1.697.535 и е речиси двојно помал во споредба со 2019 година, кога биле регистрирани 3.262.398 ноќевања.

„Во периодот јануари ‒ декември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 60,5 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 18,3 отсто, а кај странските има намалување за 84,4 отсто“, се вели во Извештајот на Државниот завод за статистика.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во декември 2020 година изнесувал 31.175, кои оствариле 60.345 ноќевања. Бројот на туристите во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, е намален за 49,3 отсто, а бројот на ноќевањата е намален за 49,5 отсто.

Бројот на домашните туристи во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, е зголемен за 20,7 отсто, а бројот на странските туристи е намален за 85,2 отсто. Бројот на ноќевањата на домашните туристи во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, е зголемен за 2 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 81,6 отсто.