fbpx

Ковачевски: Земјава е безбедна, бараме итен прекин на воените дејствија

-

Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе многу човечки животи е чин кој силно го осудуваме. Тоа е кршење на меѓународното право и е закана за евроатланската безбедност. Уште еднаш сакам да посочам дека заедно со сојузниците бараме итен прекин на воените дејствија. 21-иот век треба да е век на дијалог, не на војни, порача премиерот Димитар Ковачевски, во видеообраќање до јавноста.

Во обраќањето се осврна на стабилноста и безбедноста на државата, економските импликации од продлабочувањето на кризата, како и на активностите и мерките кои Владата ги презема со цел да ги ублажи и амортизира негативните последици од кризата. Порача дека не треба да има загриженост, бидејќи Северна Македонија како членка на НАТО, може да смета на заштитата од најмоќниот одбранбен сојуз.

„Во овие турбулентни времиња, сакам да ве уверам дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека во овој момент не постои никаква директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно и ќе ги информира граѓаните.

Воедно, граѓаните треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние ја уживаме, и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот. Иако нашата желба е да се избегнат ситуации како оваа, сепак, во вакви услови на голема безбедносна дестабилизација, сфаќаме колку е значајно, да сме дел од најмоќниот воено-политички сојуз. Затоа, ве уверувам, нашата земја е безбедна!“, порача премиерот Ковачевски.

Сепак, состојбата не е розова, во економски поглед, порача тој.

„Но, поголемите предизвици кои стојат пред нас, се економски. Поради воените дејствија на Русија против Украина, глобалната енергетска и економска криза сега се продлабочува. Нѐ очекува неизвесна година каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети. Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во светските економски текови и како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните“, порача македонскиот премиер.

Глобалните пазари се најпогодени од руско-украинската војна, а нашата изложеност кон овие две економии е мала. Нема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции се под 1% од вкупните вредности. Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно, рече Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.