Ковачевски: Во иднина ќе се размислува за регулирање на социјалните мрежи

фото: camilo jimenez на Unsplash

Согласно стратегиите за дигитализација и за медиуми, во иднина ќе се размислува за регулирање на социјалните мрежи и нивното користење со цел унапредување на општеството, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за тоа дали се планира преземање на мерки за блокирање на апликацијата ТикТок од безбедносни причини за корисниците.

Во својот одговор премиерот Ковачевски кој беше на настан во Гостивар рече дека експерти уште при појавувањето на социјалните мрежи предупредиле на моментот кога ќе стане неопходно нивно регулирање.

„Социјалните медиуми се нов феномен во општеството. Во моментот кога настанаа пред скоро повеќе од 10 години, тие беа интересни за сите, меѓутоа уште тогаш експерти зборуваа дека ќе дојде момент кога социјалните медиуми, на начинот на којшто се креирани и функционираат, ќе бидат тешки за контрола, практично невозможни и дека ќе дојде момент кога ќе треба да се направи регулирање. Не зборувам за во една држава, туку регулирање во однос на целокупното нивно функционирање“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека во различни држави постојат различни примери во однос на користењето на социјалните медиуми, но и користењето на 4Г и 5Г апликациите на јавните телекомуникациски мрежи.

„Кај нас, согласно Стратегијата за дигитализација и Стратегијата за медиуми, во иднина ќе се размислува во делот и на користењето на социјалните медиуми. Тука не зборувам за сите, не зборувам за некои априори ограничувања, туку напротив, зборувам за регулирање коешто ќе овозможи нивна употреба со цел унапредување на општеството, а не да бидат користени за нешто што не сакаме да го имаме како последица во општеството“, додаде премиерот.

Новинарското прашање се однесуваше на безбедноста на ТикТок откако неколку медиуми викендов објавија дека девојчето што во саботата починало од струен удар на железничката пруга во Илинден, се обидувало да направи видео за апликацијата ТикТок.

Инаку, обиди за забрана на ТикТок веќе има во повеќе држави, поради загриженоста на западните земји дека пристап до податоците на корисниците има кинеската влада. На почетокот од годинава САД ја забранија апликацијата на уредите во државна сопственост, додека Европската комисија им забрани на своите вработени да инсталираат ТикТок на сите уреди на кои имаат официјални службени апликации. Франција, пак, најави закон со кој платформите за социјални медиуми како Инстаграм, ТикТок и Снепчет ќе треба да го блокираат пристапот за малолетници под 15 години, освен ако немаат овластување, односно дозвола од нивните родители

Истраги за безбедноста на ТикТок се водат и во Велика Британија и Канада.