Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе се сретне со министрите за внатрешни работи и за образование и наука, за да се разгледаат дополнителни мерки за справување со лажните дојави за поставени бомби во училиштата. Тој рече дека оваа сајбер-војна е дел од војната што се води во Украина, бидејќи се случува и кај голем број држави членки на НАТО.
„Не сме ја загубиле оваа сајбер-војна и нема да ја загубиме. Оваа сајбер-војна и овие хибридни напади се дел од војната што се води во Украина и тоа веќе на сите ни е јасно, бидејќи не се случува само кај нас, туку и кај голем број држави членки на НАТО. Министерот за внатрешни работи вчера сподели одредени информации за менување одредени протоколи што ги спроведува МВР. Денеска ќе имаме состанок со раководствата на министерствата за внатрешни работи и за образование, на кој ќе разговараме во однос на носење дополнителни мерки и за целосно неутрализирање на овој проблем со кој се соочува Северна Македонија, но и други држави, со цел да овозможиме редовна и непречена настава за учениците“, изјави Ковачевски.
Тој рече дека и МВР и Министерството за образование и наука работат на решавање на овој проблем, чија единствена цел, според него, е да се внесе немир во земја-членка на НАТО.
„Согласно процедурите, прописите и протоколите за борба против тероризам, бидејќи се работи за дојави за бомби, тие мора да спроведуваат процедури пропишани согласно закон, како и во сите други држави. За да се спречи напуштање на училиштата, МВР и МОН секојдневно работат со цел да се изнајде начин како да се спроведат процедури кои ќе обезбедат сигурност дека се работи за лажна дојава на бомба, а децата да можат да посетуваат настава. И јас сум родител и се соочувам со истите проблеми во однос на школувањето на децата. Не е нешто за што не знам што се случува, меѓутоа мора да верувате дека и МВР и МОН работат на решавање на овој проблем“, рече Ковачевски.
Само во текот на вчерашниот ден, вкупно 30 основни и средни училишта од Скопје добије дојава за поставена експлозивна направа. Откако антитерористички тимови направија проверки, било утврдено дека сите дојави се лажни. Оваа недела, секој ден, освен денеска, до моментот на оваа објава, имаше дојави за поставени бомби во десетици основни и средни училишта.
Наставата во континуитет се прекинува поради речиси секојдневните дојави за поставени бомби што ги добиваат училиштата. Во овој период треба да се формираат оценки, па честите прекини на наставните часови го отежнуваат процесот на тестирања и испрашувања. Министерството за образовани и наука наложи наставата да продолжува онлајн, но родители реагираа дека нивните деца не можат да се вклучат на програмата „Тимс“ за следење настава. За истиот проблем, реагираше и ЗЕЛС.