Премиерот Димитар Ковачевски на денешната седница за пратенички прашања во Парламентот рече дека предвремени парламентарни избори не треба да има и покрај тоа што опозицијата се однесува неодговорно.
„Ние во моментов имаме Влада којашто се грижи за националните интереси и за достоинството на сите граѓани, без разлика на тоа од која етничка, верска и национална припадност доаѓаат. Тоа се случи и во изминатиот период, кога националните интереси на Република Северна Македонија, согласно одлуките и резолуциите донесени тука во Собранието, беа застапувани од страна на сите челнови на Владата, без разлика на тоа дали се Македонци, Албанци Турци, или од која било друга национална припадност. И тоа се потврди мината недела кога на принципиелен начин ние ги искажавме нашите ставови пред сите наши параметри во ЕУ и пошироко“, посочи премиерот Ковачевски.
Тој направи споредба со однесувањето на опозицијата, што го оцени како неодговорно.
„На конгресот на европските народни партии беше донесена резолуција во којашто се вградени барањата во однос на негирање на националниот и историскиот континуитет на Македонците и на таа резолуција присуствуваше делегација на нависоко ниво од ВМРО-ДПМНЕ. Никаде не видовме прес-конференција на спротивставување, тоа ќе остане запаметено“, рече премиерот Ковачевски.